Исто како минатата година, Microsoft ќе ги продава најдобрите модели од Samsung преку нивната онлајн продавница. Оваа година тоа се Galaxy S9 и S9+, а истите американските корисници ќе може да ги нарачаат по иста цена како и на било кое друго место.
Уредите ќе бидат истите, се разбира, а единствените промени кои Microsoft ќе ги направи е достапноста на неколку нивни апликации кои корисникот ќе може да ги инсталира при првото прилагодување на неговиот нов уред.
Се работи за Word, Excel, PowerPoint, но и Cortana и Microsoft Launcher. Сите овие апликации им се достапни на корисниците преку Play Store, па не мора да купат Galaxy уред од Microsoft за да можат да ги користат.
Ова сепак е логичен потег од страна на Microsoft. По неуспехот на нивната мобилна платформа, тие својата енергија ја насочија кон развојот на софтверски решенија за двете најпопуларни мобилни платформи.
Продавањето на вакви уреди, дополнително може да влијае кон поголемиот број на корисници на нивните апликации.