Човештвото се движи кон иднина во која автоматизацијата ќе биде движечка сила. Она што тоа го стори за нас, луѓето и крајните корисници на технолошките новитети е тоа што (ќе) очекуваме да го добиеме она што го сакаме, веднаш.

„На прва“ тоа звучи совршено. Нема повеќе чекање во редици, нема повеќе надминување на лимитот за интернет. Нема повеќе чекање на наредната епизода на “Lost”. Не, сите епизоди ни се на еден клик. Очекувањата од реалноста ни се фундаментално сменети. Веќе не треба да чекаме за ништо.

Ако сакаме, можеме да викнеме такси преку мобилна апликација. Постојат услуги (на пр. Инстакарт, (или скоро започнатата услуга во нашите простори, Пакет) кои ни носат намирници дома, во време кое најмногу ни одговара. Итно ви треба хемиско чистење или перење на алишта? Постојат услуги и за тоа. Амазон веќе сериозно работи на нормализирање на испорака на пратки преку дронови.

Но, не се работи само за конзумирање на забава или брз превоз. Постои зголемено користење на онлајн совети за медицина и лекарства. Луѓето почнуваат повеќе да им веруваат на ваквите веб-страници наместо на нивните лекари. Образованието веќе доживува револуција преку услуги какви што се Coursera, Udemy, Future Learn и др. онлајн „универзитети“ кои нудат бесплатни курсеви на најразлични теми.

Светот во наредните десет години ќе биде прилично возбудлив. Земете ги предвид следниве податоци. Десет милиони автономни возила ќе се најдат на патиштата во САД во истиот период. Кинеската компанија WinSun изгради од темел десет куќи користејќи 3Д принт технологија. Дури 47% од работните позиции се очекува да бидат „под ризик“ од автоматизација во наредната декада, правејќи го човечкиот инпут излишен.

Доброто во ова е што репетитивните и досадни задачи кои ни го одземаат времето ќе бидат автоматизирани. Технологијата ни го олеснува животот, а иновативните компании наведени погоре отвораат нови пазари и поттикнуваат конкуренција, што е од полза на крајниот корисник.

Предизвикот лежи во тоа општеството да не се потпира целосно на инстантно задоволување на своите желби. Бидејќи, преку правењето на тие „досадни“ задачи, стекнуваме навика повеќе да го вреднуваме она што сме го постигнале.

Претходна статијаSpring Creators Update ќе биде името на пролетната поголема надградба на Windows 10
Следна статијаMicrosoft ќе продава прилагодена верзија од Galaxy S9 и S9+ во својата онлајн продавница