Еден од најголемите соништа на вљубениците во технологијата е да можат да ги гледаат внатрешните компоненти, како матичната плоча, процесорот итн. Оттаму и гејмерски куќишта со стакло низ кои може да се покаже моќта која ја поседува компјутерот. Сега, ова делумно ќе може да го направите и со HTC U11 Plus, смартфон кој има опција за заден дел изработен од делумно проѕирно стакло, низ кое може да се видат дел од компонентите (а најмногу намотката за безжично полнење).

Да, ова не е целосна проѕирност (за тоа ќе мора да ги погледнете “How to” видеата на популарниот YouTube канал JerryRigEverything), но е веројатно доволна за да им ја заигра крвта во жилите на вљубениците во високата технологија. А HTC U11 Plus има навистина висока технологија во внатрешноста, како Snapdragon 835 процесор, помогнат од 4 или 6 GB рам и 64 или 128 GB простор. Импресивна е и батеријата од 3.930 mAh, која со оглед на лесниот скин на HTC врз Android Oreo и одличните оптимизации на тајванскиот производител, би требала да издржи прилично долго време.

Однадвор, U11 Plus е првиот HTC со помали рамки околу дисплејот. Да, тие не се мали како на Galaxy S8+, но се чекор во вистинската насока. Дисплејот пак има големина од 6 инчи и резолуција од 2880х1440 пиксели и се работи за Super LCD6 панел, што е одлична вест во очи на проблемите на Google со OLED дисплејот во Pixel 2 XL. Кога сме кај Google, интересно е што токму ова требало да биде Pixel 2 XL, но Google во „последен момент“ се одлучил на моделот на LG.

Како и својот помал брат U11 и моделот Plus има стислива рамка со која може да се активираат различни функционалности во софтверот, додека задната камера има 12 мегапиксели и f/1.7 бленда. Тоа што оваа камера не е двојна нека не ве плаши – на скоро сите тестирања, камерата на U11 и натаму е меѓу најдобрите во високата класа. Предната камера пак има 8 мегапиксели, а напред се вградени и стерео звучници, што е одлична вест. Од друга страна, загрижувачки е што нема 3,5 mm излез за слушалки – ова беше една од најдобрите карактеристики на HTC смартфоните во минатото, кои имаа одлични засилувачи за слушалки.

За разлика од многу смартфони од високата класа денес, U11 Plus доаѓа со слот за micro SD картичка, а може да се пофали и со одлична IP68 отпорност на вода и прашина, што значи дека не треба да се плашите да се сликате со него во вода. Не помалку важно, USB Type-C конекторот поддржува брзо полнење, што е важно за батерија со толку голем капацитет.

HTC U11 Plus ќе биде понуден во три бои – проѕирна, ќерамички црна и неверојатно сребрена и ќе има цена од околу 800 евра во Европа.

Извор: The Verge, GSMArena, Android Authority

Претходна статијаРусија забрани користење на “VPN” во земјата
Следна статијаMicrosoft Edge ја продолжува „традицијата“ на Internet Explorer