note-7

Новиот Galaxy Note на Samsung ќе ја носи бројката „7“ во своето име, што е скок од две генерации во однос на претходната „5-ка“. И со право – Galaxy Note 7 има се што Samsung претстави минативе неколку години, како Edge Super AMOLED дисплеј кој е искривен на страните, но и нов скенер за ирисот на окото за поголема безбедност и заштита на податоците на корисникот. Се на се, уште сега може да се каже дека ова е веројатно најдобриот паметен телефон со голем дисплеј во светот во моментов.

Galaxy-Note-7-Press-Image-01-1280x853

Внатрешните компоненти не се особено изненадување – за нив знаевме дека ќе бидат исти како на Galaxy S7 уште пред неколку месеци. Сепак, иако се очекуваше Note 7 да има 6 GB рам меморија, на крај  испадна дека уредот ќе има „само 4“, што не би требало особено да Ве загрижи, бидејќи и тоа е повеќе од доволно за еден паметен телефон. Процесорите се повторно исти како кај S7 – Exynos 8890 или Snapdragon 820 зависно од пазарот (кај нас Exynos 8890), додека задната камера има 12 мегапиксели со леќа со f1.7 бленда и оптичка стабилизација, а предната има 5 мегапиксели, исто така со f1.7 бленда.

Capture

Note 7 доаѓа со вградени 64 GB простор за складирање податоци – нешто од што може да поднаучи iPhone, кој доаѓа со мизерни 16 GB во основните модели. И без грижи, Samsung и во овој модел вгради слот за micro SD картички и тоа со големини до 256 GB, што значи дека Note 7 веројатно никогаш нема да ве предупреди дека имате малку простор и дека треба да избришете некоја апликација…

Големината на дисплејот остана иста во однос на претходната генерација – 5,7 инчи со Quad HD резолуција и Super AMOLED технологија. Сепак, ова е првиот пат Samsung стандардно да вградува “Edge” дисплеј (кај Note 7 е помалку закривен отколку кај S7 Edge), кој покрај можностите за лансирање на апликации од страничниот дел, ја намалува и целосната големина на уредот – тој е сега 2,2 mm потесен, што го прави многу попријатен за држење во раката. Сите овие компоненти ќе ги напојува батерија од 3.500 mAh, која ќе поддржува брзо полнење преку USB Type-C приклучокот, но и безжично брзо полнење преку Qi или PMA стандардите. Samsung нуди и интересна футрола со вградена батерија, која се прикачува во задниот дел и која потоа го полни телефонот.

Galaxy-Note-7-Press-Image-12-1280x905

Како и секој Note модел досега и 7-ката ќе има вградено дигитално пенкалце со 4.096 нивоа на притисок, кое може да се користи за најразлични функции во телефонот (на пример да направите .gif од тоа што го правите на телефонот), но најмногу за брзо земање забелешки, што особено ќе им се допадне на бизнис корисниците. Од Samsung велат дека ова пенкалце е специјално дизајнирано за да дава чувство како да пишувате со вистинско пенкало и дека нема да се заглави доколку го ставите наопаку во телефонот. Новитет кај овој модел е скенерот за ирисот на окото, кој заедно со читачот за отпечатоци на прсти го прават Note 7 веројатно најбезбедниот телефон на пазарот.

Сите овие новитети се вклопени во веројатно најубавиот смартфон што го има направено Samsung досега. Galaxy Note 7 е целосно симетричен телефон – задното стакло ја има истата закривеност на страните како на предното Edge стакло за дисплејот, што заедно со тенката метална рамка која поминува меѓу нив прави уредот да изгледа добро од сите страни. И да, како и S7-ката и Note 7 е IP68 водоотпорен, што значи дека не треба да се грижите ако ви падне или го потурите со вода. Бонус кај Note 7, веројатно уште поважно за корисниците е Gorilla Glass 5 стаклото, кое според производителот Corning е многу поотпорно на кршење или пукање доколку ви падне телефонот од рака. Супер.

note-7-

Се што е вградено во новиот Galaxy Note 7 можеби и не делува револуционерно – Edge дисплејот стана веќе стандарден досега, додека скенерот за ирисот на окото беше претставен во Lumia 950 и 950 XL пред десетина месеци. Сепак, она што се важи е збирот на сите компоненти и можности, дел каде Note 7 брилира. Ова е телефон кој го зема најдоброто од Galaxy S7 и S7 Edge и го прави за уште едно ниво подобро. Поточно, ова е најдобриот телефон на Samsung досега, што е сигурно доволно за тој повторно да иде бестселер, особено кај бизнис корисниците кои ќе знаат да ги искористат предностите на електронското пенкалце.

Galaxy Note 7 ќе биде достапен во 4 бои – стандардните црна, сребрена и златна, како и нова сина боја. Продажбата ќе почне на 19 август и прилично сум сигурен дека ако не на тој датум, Note 7 ќе биде понуден брзо потоа и на нашиот пазар.

Извор: The Verge, Android Central, TechnoBuffalo, Wired

Претходна статијаSamsung ќе го пренесува во живо утрешното претставување на Galaxy Note 7
Следна статијаНорвешка ќе почне да ги гради првите пловечки подводни тунели во светот