Најновиот знаменосец на Samsung, Galaxy Note 8, како и што се очекуваше, повторно има најдобар дисплеј на пазарот. Според истражувањата на специјализираната куќа DisplayMate, која го истражува квалитетот на екраните вградени во смартфоните, тој во Galaxy Note 8 е првиот со A+ оценка, што значи дека се работи за дисплеј кој скоро и да нема маана.

Ова и беше очекувано, бидејќи Samsung е најголем производител на AMOLED екрани во светот, а воедно скоро секоја година добива награда за најдобар дисплеј со своите Galaxy S или Galaxy Note линии на паметни телефони.

Note 8 ја доби наградата благодарение на високи оценки во секоја категорија. Така, тој може да покаже најширока палета на бои (112% DCI-P3), највисока светлина (1.240 nits), највисок контраст во амбиентално светло (270), највисока резолуција (2960х1440), бесконечен контраст, најмала рефлективност на стаклото (4,6%), и најмала промена на светлината кога телефонот се гледа од агол (29%).

Овие карактеристики ги нема постигнато апсолутно ниту еден смартфон досега, иако најблиски се Galaxy S8 и S8+, кои исто така имаат врвни AMOLED дисплеи. Сепак, кај Note 8, Samsung има завршено и одлична работа со софтверот за HDR видео, кој според DisplayMate е импресивен. Во превод, сериите и филмовите со HDR на овој смартфон сигурно ќе изгледаат во најмала рака фантастично.

Наредниве неколку месеци ќе бидат претставени неколку жестоки конкуренти на Galaxy Note 8, а тука особено мислам на новиот iPhone 8, но не очекувајте да биде надминат дисплејот на моделот на Samsung. Всушност, дисплеите за iPhone 8 ќе ги изработува токму Samsung, кој сигурно не би ги продал своите најдобри екрани на Apple. Кај телефонот на главниот конкурент, очекувајте некоја малку постара генерација на OLED дисплеј, на пример од минатата година.

Извор: PhoneDog, Android Central, Display Mate

Претходна статијаБезжичното полнење кај iPhone 8 ќе биде двојно побавно од актуелниот стаднард
Следна статија„Sea Hero Quest“ – првата мобилна игра во светот за борба против деменцијата сега и со VR (virtual reality) верзија