Од оваа недела, сите заинтересирани корисници кои што живеат во САД, ќе можат да ја пробаат првата јавна бета верзија од Cortana. Како што повеќето и веќе знаат, Cortana е таканаречен персонален асистент кој што на корисниците им овозможува извршување на одредени команди.
Како што е случајот и на Windows и Windows Phone, Cortana може да се користи за креирање на потсетници и состаноци, пребарување на интернет и самиот уред, следење на одредени информации, покренување на одредени работи на уредот и повеќе.
Одредени функции на Cortana достапни на Windows сепак нема да бидат достапни, барем не веднаш, за Android корисниците. Поконкретно се работи за можноста за вклучување и исклучување на одредени прилагодувања (пр. Wi-Fi), вклучување на апликации, како и активирање преку Hey Cortana командата.
Достапноста на Cortana и на други платформи беше прво дел од шпекулации за потоа да биде официјално најавена од страна на Microsoft. Доколку ја следите новата стратегија на компанијата која што моментално ја нема најмасовно користената платформа (вклучувајќи ги и мобилните платформи), ваквите потези не се воопшто за изненадување и чудење.
Извор: Microsoft