Уште кога Панос Панај го прикажа новиот изглед на кој работат за Старт менито, се прашуваме кога истото ќе стане официјален дел од Windows 10. За тоа досега немаше никакви информации, а сега новото мени стана дел од тест верзијата 20161 од Windows Insider програмата на Windows 10.

За жал, новото мени е дел од Dev каналот, кој не е врзан со ниту една наредна верзија од Windows 10, односно новините кои се дел од овој канал, ќе станат дел од системот во некоја од наредните верзии, но не се знае точно во која.

Инаку, Dev каналот е новото име на поранешниот Fast Ring во Windows Insider програмата, а имињата беа променети со цел подобра поделеност на тест верзиите и објаснување за кои корисници се наменети.

Главната промена во Старт менито не е голема, но прави доста голема разлика за неговиот изглед и генерално изгледот на оперативниот систем. Наместо боите кои се сега достапни на секоја од „плочките“ во менито, сега ќе стои една унифицирана боја, зависно од избраната тема, а исто така плочките ќе бидат повеќе проѕирни, со што ќе се стави целиот акцент на иконата на плочката, а истата сега и полесно ќе се види од која апликација е. Кога на тоа ќе се додадат новите икони кои Microsoft постепено ги пушта од почетокот на годината, може да се каже дека Старт менито сега дефинитивно изгледа подобро.

Покрај плочките, тргнати се и квадратите со боја зад иконите кои се поставени на левиот дел од Старт менито, односно листата на сите апликации и најчесто користените апликации.

Корисниците повторно можат да додадат боја на плочите, со избор во прилагодувањата, но тие ќе останат унифицирани и проѕирни како што се со светлата и темната тема.

Покрај новиот изглед на Старт менито, Windows 10 верзија 20161 донесува и уште неколку новини. Една од нив е промена на начинот на функционирање на „alt+tab“ командата, која сега ќе ги прикажува сите „табови“ од Microsoft Edge како посебни прозори. Ова може да се промени да се прикажуваат само последните 3 користени табови или целосно да се исклучи.

Исто така, во оваа верзија дополнително се пренесуваат прилагодувањата од Control Panel во Settings делот, а корисниците зависно од компјутерот и телефонот кој го имаат поврзано, ќе имаат различни икони на taskbar лентата. Промени има и во прикажувањето на известувањата, а корисниците сега полесно ќе може да видат од која апликација е известувањето.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаДали Samsung „по грешка“ го прикажа Galaxy Note20 Ultra?
Следна статијаInstagram тестира два реда за прикажување на Stories, како и целосно посебна страна за овој популарен формат на објави
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.