Converted_file_e20334f4
Системот Алфа Кентаур, најблискиот ѕвезден систем до нашиот

Со името на ѕвездениот систем Алфа Кентаур се запознавме како млади. Дел од нас преку интерес во вселената и нејзините чуда, а дел преку играта Sid Meier’s Alpha Centauri која претставуваше духовен следбеник на Civilization серијалот.

Зошто толку фокус на овој ѕвезден систем? Алфа Кентаур е најблискиот ѕвезден систем до нашиот, оддалечен само околу 4 светлосни години. Тој е еден од системите кој најмногу го имаме анализирано, а се состои од три ѕвезди донекаде слични на нашето Сонце. Оддалеченоста од 4 светлосни години значи дека неговата состојба можеме да ја набљудуваме горе-доле во реално време, во однос на целиот Универзум, со каснење од само 4 години.

Сепак, доволно е далеку да не можеме да видиме што точно има таму, нешто што можеби ќе се промени во текот на овој век. Имено, рускиот милијардер Јури Милнер, научникот Стивен Хокинг и шефот на Facebook, Марк Цукерберг, се луѓето кои најмногу ќе вложат во овој 100 милионски проект за да се оствари целта да стигнеме до овој ѕвезден систем во следните 20-тина години.

Идејата е да се создаде ултралесно и ултрамало (со неколку метри дијаметар) летало. Потоа, со помош на огромен ласер да се бутка тоа летало кон овој систем и да постигне значаен процент од брзината на светлината (на пр. 30%), кое ќе му овозможи стигнување до Алфа Кентаур за 20-тина години. Оваа техника се вика „едрење на светлина“ (lightsail) и неколку летала веќе ја имаат искористено при разни Сончеви бури и зрачења. Разликата е што овојпат леталото ќе се бутка со ласер, а не со помош на Сонцето. Ласерот овозможува огромна прецизност на насочениот зрак и со тоа ефикасност при буткањето на леталото.

Без разлика што леталото треба да е ултралесно и мало, треба на себе да има напредна апаратура како камери, систем за комуникација, систем за обезбедување со енергија и за управување со јонски мотори. Тоа ќе треба да лета со брзина од барем 214 милиони километри на час, што е огромна брзина која не би можела да се постигне на друг начин (освен со кумулативно залетување од јонски мотор).

За да се постигне успех на овој проект треба да се надминат неколку значајни инженерски препреки. Првата е, секако, леталото кое треба да биде издржливо и да не се распадне при удар со толку силна енергија, а воедно да биде лесно, преносливо, да избегне судари со други објекти или да ги издржи (камчиња кои летаат со огромни брзини низ вселената) и така натаму.

Physicist Stephen Hawking sits in front of investor Yuri Milner (L), physicist Freeman Dyson (C), and physicist Avi Loeb on stage during an announcement of the Breakthrough Starshot initiative in New York April 12, 2016. REUTERS/Lucas Jackson
Јури Милнер, Фримен Дајсон, Ејви Лоуб и Стивен Хокинг на најавата на Breakthrough Starshot

Втората пречка е ласерот. Таков ласер сè уште не постои на Земјата, што значи треба да се изгради, а тоа чини огромни пари. Дополнително, тој треба да се изгради на место каде ќе биде многу сува околина, а воедно да биде доволно високо за да не биде намалена неговата моќност од атмосферата.

Третата пречка се, секако, парите. Имено, Милнер, Хокинг и Цукерберг своеволно вложуваат 100 милиони долари во проектот, но се проценува дека ова е само дел од потребните средства за да се оствари ова технолошко чудо. (Патем, добро е да се прочита дека Цукерберг се занимава и со нешто суштински, покрај ширење демагогија)

Сепак, од друга страна ја имаме надешта дека еден ден ќе допреме до првиот ѕвезден систем надвор од нашиот и ќе ѕирнеме на кратко што точно има таму. Оваа мисија би можела да го сплоти и инспирира целото човештво повторно, како што тоа го постигнаа СССР со првиот човек во вселената Јури Гагарин и САД со првите луѓе на Месечината.

Иднината е пред нас!

Дополнителни информации: The Verge, Christian Post, Yahoo!

Претходна статијаЏон Мекафи: Cellebrite е компанијата која им помогна на FBI да го отклучат iPhone телефонот
Следна статијаHuawei претстави свој VR уред