Фото: Shutterstock.com

Веќе неколку години се смета како сигурно тврдењето дека сината светлина од екраните го отежнува процесот на заспивање. Поради тоа што повеќето од нас ги користиме нашите мобилни телефони цело време, па и пред спиење, производителите почнаа со вклучување на функција која ја намалува сината светлина, а истата е позната под различни имиња, како на пример „night light“, „night shift“ и слично.

Оваа функција намалувајќи ја сината светлина го прави екранот повеќе кон жолта боја, а дефинитивно може да се каже дека ова прилагодување е повеќе пријатно за очите, а посебно кога остатокот од просторијата е во темница.

Сепак, колку и да оваа функција е пријатна за очите, слично како и темната тема која ги затемнува деловите од корисничкиот интерфејс, таа сепак изгледа не е фактор во тоа дали и колку лесно ќе заспиеме.

Ова го покажуваат резултатите од студија направена од Brigham Young University и објавена во Sleep Health.

Студијата е направена со 167 учесници на возраст од 18 до 24 години. На учесниците им било кажано да останат во кревет 8 часа, а им била инсталирана апликација за следење на активноста на мобилниот, како и паметен часовник за следење на спиењето.

Учесниците биле поделени на три групи, односно група која го користела својот мобилен телефон пред спиење со вклучена „night light“ функција, група која го користела мобилниот без функцијата, како и група која воопшто не го користела мобилниот.

Резултатите покажале дека нема некоја значителна разлика помеѓу групите, а посебно не помеѓу тие кои сепак користеле телефон. Некаква разлика била забележана кај групата која не користела телефон воопшто, кај учесниците кои успеале да спијат околу 7 до 8 часа.

Според ова може да се заклучи дека светлото од телефонот, иако знае да пречи, не прави разлика во тоа дали ќе заспиеме и колку лесно. Можеби поголема разлика прави самата активност на користење на мобилниот пред спиење, која го активира мозокот и не држи будни. Во тоа дефинитивно може да направи разлика содржината која се гледа или чита пред спиење.

Една студија секако не може да се земе како доволна за да се има дефинитивен став за одредена работа, а посебно ваква студија која не е голема.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаSamsung и upday ја претставуваат возбудливата нова апликација за eспорт вести
Следна статијаIngenuity го направи својот деветти и најтежок лет досега
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.