Малиот хеликоптер на NASA, Ingenuity, кој дојде како дел од мисијата на Perseverance роверот да ги тестира можностите за самостоен лет на Марс, продолжува со своите тест летови, далеку над првичните планови и очекувања.

Од NASA ќе беа задоволни со само неколку успешни летови кои ќе покажеа дека лет на Марс е нешто изводливо, па проблемите кои би се појавиле ќе беа решени во некоја идна мисија.

Сепак, Ingenuity се покажа доста поуспешен, помина и низ неколку проблеми со навигацијата кои успешно беа решени од системот за автономен лет, а сега го направи и својот деветти лет кој според NASA го имаше и најголемиот предизвик досега.

Деветтиот лет беше направен до најголема висина досега, со поголема брзина од претходните летови и со најдолго времетраење. Ingenuity леташе со брзина од 5 метри во секунда, за разлика од претходните 4, на далечина од 625 метри и времетраење на целиот лет од 167 секунди.

Успехот на овој лет не е само во параметрите на летот. Ingenuity за првпат леташе над терен којшто не е рамен, нешто што е посебен предизвик за системот за автономно летање.

Ова е и првиот лет во кој Ingenuity се оддалечува повеќе од Perseverance, а летот специјално бил избран над терен кој не е баш погоден за роверот.

Малиот хеликоптер успешно слетува после оваа мисија, па може да се очекуваат уште мисии кои ќе ја тестираат можноста за лет на Марс.

Деталите при планирањето на деветтиот лет на Ingenuity ги објаснуваат од NASA на следната објава.

ИЗВОРGizmodo
Претходна статијаНова студија открива дека „night light“ функцијата на мобилните не прави разлика во заспивањето
Следна статијаHuawei го демонстрираше првото теренско испитување на една бранова должина од 1.6+Tb/s
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.