Најновиот ровер од NASA, Perseverance, успешно слета, заедно со Ingenuity хеликоптерот, на Марс во февруари. Од тогаш, роверот ги правеше потребните подготовки за почнување на својата мисија, но и служеше како база за комуникација помеѓу хеликоптерот со Земјата и ги снимаше неговите успешни и историски тест летови.

Мисијата на Perseverance е да го истражува тлото на посебно избраната локација каде слета, односно на Џезеро Кратерот. Главната цел на ова истражување е откривање на знаци за некогашен живот на Марс, поточно микроскопски живот. За почеток Perseverance ќе зима примероци од камењата, како и од реголитите, односно скршените камења и прашината. Џезеро Кратерот е посебно избран поради верувањето дека порано на оваа локација имало вода, со што шансите за живот на тој дел и нивно откривање се поголеми.

Од NASA оваа недела објавија дека Perseverance ја започнал својата мисија и неговата роботска рака започнала со „спроведување на наука“. Со информациите кои ги испраќа и ќе ги испраќа роверот, научниците сакаат да откријат кога античкото езеро, кое се верува дека било на оваа локација, е создадено, кога се има исушено и кога седиментите почнале да се наталожуваат и да го креираат сегашниот кратер.

Научното истражување на Perseverance започна со снимање на камењата во околината преку камерата WATSON која е поставена на врвот од роботската рака на роверот. Додатни инструменти се користат за откривање на хемискиот состав на камењата.

Од NASA истакнуваат дека научниците сакаат да добијат одговор на едно важно прашање, а тоа е дали камењата се седиментни, односно креирани во присуство на вода или креирани од вулканска активност.

Двата вида на камења можат да дадат различни информации, односно тие креирани со присуство на вода се подобри за зачувување на знаци од живот, додека тие креирани со вулканска активност можат подобро да дадат информација за времето на креирање на околината.

Мисијата на Perseverance продолжува и се очекува да во иднина се продолжи со добивање на одлични слики и видеа од околината, а научниците да добијат одговор на некои од нивните прашања за црвената планета.

ИЗВОРNASA
Претходна статија„Добро утро креативци“ – саем за креативни искуства и размисли
Следна статијаШпанските оператори ги поздравија неочекуваните 5G лиценци на 40 години
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.