Shutterstock.com

Додека се чека на преговорите помеѓу Microsoft и ByteDance за купување на TikTok сервисот од оваа компанија, од таму најавија дека планираат да преземат и правни мерки со цел да се заштитат од можното блокирање на апликацијата во САД.

Дека TikTok веќе нема да може да функционира после септември е повеќе и од јасно со оглед на донесувањето на извршна одлука од страна на претседателот Трамп со која се забрануваат сите трансакции со ByteDance почнувајќи од 20-ти септември, 5 дена после рокот кој си го постави Microsoft да се одлучи дали ќе го купи овој сервис.

Од американските власти има дополнителни најави дека ќе има забрана за функционирање на TikTok во САД, а како главна причина за истото се истакнува големата количина на податоци кои се собираат од корисниците на сервисот, информации кои потоа наводно им се достапни на кинеските власти.

ByteDance сега најави дека планираат да преземат правни мерки против овие одлуки кои би ја оневозможиле апликацијата да функционира во САД, а оваа земја е огромен дел од пазарот на TikTok со околу 80 милиони корисници.

Иако сега за сега корисниците ја преферираат оваа апликација, доколку истата биде забранета сигурно ќе немаат проблем да се префрлат на некои од конкурентните, меѓу кои и новата од Facebook, Instagram Reels.

„За да се осигуриме дека владеењето на правото ќе опстане и дека нашата компанија и корисниците се третирани фер, немаме друг избор освен да ја предизвикаме Извршната Одлука преку судскиот систем.“ – изјавија од TikTok за CNN.

Од компанијата истакнуваат дека се обиделе да разговараат со властите во САД, но дека тоа немало ефект, односно дека тие наишле на „недостаток на практиката за судење пред носење на одлуки, преку немањето желба за слушање на фактите од страна на Администрацијата која се обидува да се стави себеси во преговорите помеѓу приватни бизниси“.

Во меѓувреме, покрај Microsoft, уште една компанија излезе со информација дека е во преговори за купување на TikTok, а тоа е исто така познатата Oracle. Дали и кој на крајот ќе го купи овој огромен и популарен сервис, ќе видиме до половината на септември најверојатно.

ИЗВОРTNW
ИЗВОР 2CNN
Претходна статијаСо MaxTV преку Android TV Box уживајте во 80 канали каде и да сте
Следна статијаMozilla го пушти својот Firefox Relay сервис за сите корисници
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.