Јасно е веќе одамна колку е голема популарноста на форматот на кратки видеа кој го започна TikTok, а сега го има кај Instagram, Facebook, а и по уште некоја друга апликација.

Spotify се приклучува на овој тренд, а слободно може да се каже дека тоа одлично го имаат изведено, без да се промени основниот изглед на апликацијата и без наметнување на форматот.

Конкретно, апликацијата сега има нов начин за откривање на нова музика, односно музика која би сакал корисникот да ја слуша, преку нов дел кој прикажува кратки исечоци од песните во вертикална форма која може да се разгледува „бесконечно“.

Во овој нов формат вградена е и комбинација од Stories, односно пред да се продолжи „надолу“ неколку песни од иста категорија се прикажуваат како овој исто така познат формат.

Кога ќе наидат на нешто што им се допаѓа, корисниците можат да притиснат да ја слушаат цела песна од почеток, целиот албум или „плејлиста“, а можат и да ја зачуваат, како и да ја споделат со пријателите.

Овој нов формат за откривање на содржина не е ограничен на музиката, па може да се користи и за подкасти, како и за аудио книги, таму каде што се достапни.

За корисниците од САД и Канада, вградена е и новата DJ функција која со помош на вештачка интелигенција треба да ги „имитира“ порано стандардните диџеи по радијата.

ИЗВОРSpotify
Претходна статијаТри навики кои ќе ги смениме во следните 5 години
Следна статијаЦЕФТА дел од конференцијата „Преку дигитализација кон нова генерација на регионална соработка“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.