Едвард Сноуден, The Guardian Project и Freedom of the Press Foundation претставија Android апликација наречена Haven. Апликацијата е направена со цел да им користи на одреден вид на корисници како што се истражувачките новинари, борци за човекови права, односно луѓе кои се често во опасност од притисоци, можност за крадење на нивните податоци и слично.
Начинот на којшто работи Haven е преку искористување на достапните сензори во мобилните телефони. Сите телефони во денешно време имаат повеќе сензори во нив, па апликацијата ги користи за својата намена.
Сензорите кои ги користи Haven се следните:
- Акцелерометар – за движењата и вибрациите на уредот
- Камера – движењата околу уредот од предната и задната камера
- Микрофон – звуци во околината
- Светло – промена на светлината во околината
- Електрична енергија – детектирање дали уредот е исклучен од струја
Апликацијата не е наменета да се користи на главниот телефон на корисникот. Наместо тоа, идејата на Haven е да се користи на посебен уред.
Овој уред се остава во просторијата која треба да биде заштитена, па сите промени кои ќе ги детектираат сензорите од уредот, се испраќаат на главниот телефон.
Информациите се зачувуваат локално на уредот, односно не се ставаат во облакот. Испраќањето до главниот уред се прави преку Signal, познатата апликација за заштитени разговори.
Haven е достапна во бета верзија преку Play Store, па секој заинтересиран може да ја инсталира и проба.
Извор: Guardian Project, gHacks, The Verge