AndroidChromeLogo1

Стабилната и бета-верзијата на популарниот интернет-прелистувач пристигнуваат со верзиите 41 и 42, соодветно.

Во стабилната верзија, новоста е што сега можете да ги вчитате интернет-страниците одново со едноставно повлекување од горе надолу. Според изворите ова би требало да работи со повеќето интернет-страници. Зошто оваа функција не би работела со сите интернет-страници се’ уште не е јасно.

Во бета-верзијата, со број 42, новоста е дека сега интернет-прелистувачот може да покажува нотификации од интернет-страници кои го поддржуваат тоа. Се’ уште не се знае кои интернет-страници можат да прикажуваат нотификации, ниту пак како такво нешто се изведува. Но сепак се поставува прашањето: До каде ќе може да се оди со интерактивноста на интернет-страниците? Уште едно прашање е: Колку од тие интернет-страници ќе ја злоупотребуваат оваа функционалност за присилување реклами кон корисниците?

Дополнително бета-верзијата го олеснува начинот на кој се прикачуваат вашите омилени интернет-страници до домашната страна на прелистувачот.

Нормално, новите верзии би требало да се ослободени од повеќето „багови“ кои се досега пронајдени и да има подобрувања во перформансите.

Во секој случај, добро е да се види дека се носат новости во апликациите кои се изработени од Google бидејќи, тие претставуваат пример за останатите развивачи на апликации.

Верзиите би требало да бидат достапни за спуштање моментално, но доколку по некоја случајност не се, ќе бидат за многу кратко време.

Извори: Chrome Releases, Droid Life

Претходна статијаОчила за невидливост пред камери што препознаваат лица
Следна статијаFlasher – Алтернативно решение за блиц на вашиот паметен уред