startreklike

Веројатно повеќето од нас знаат дека околу Земјата постои заштитно поле кое не` штити од штетните електромагнетни зрачења кои во главно доаѓаат од Сонцето. Озонот во атмосферата не` штити од ултравиолетовото зрачење, а Земјиното магнетно поле не` штити од таканаречените сончеви факели (повремени екстремни испуштања на вжештен и наелектризиран материјал од внатрешнината на Сонцето кон неговата површина и потоа кон Земјата и другите планети). Но според последните наоди на научниците од CU-Boulder лабораторијата за атмосферска и вселенска физика, околу Земјата постои уште еден „штит“ кој ги спречува високоенергичните електрони да навлезат во атмосферата и да предизвикаат штета.

Интересното е што ваквиот штит тие не можат да го објаснат со оглед на тоа што блокирањето на космичките електрони се одвива многу нагло на висина од 11.500 километри над површината на Земјата. Даниел Бејкер кој е дел од тимот од лабораторијата изјави дека: „Природата не ги сака силните градиенти и генерално наоѓа начин како да ги измазни… Не е јасно како бавните, градуелни процеси кои треба да се вклучени во движењето на овие честички можат да заговорат да создадат таква остра, постојана граница на оваа локација во вселената“.

Групата во која тој припаѓа разгледувала многу сценарија кои би можеле да објаснат таква граница, меѓу кои Земјиното магнетно поле, радио-сигналите кои ги праќаат луѓето, а кои би можеле да ги блокираат космичките електрони, па дури и  огромните ладни, наелектризирани облаци од гас околу Земјата кои се нарекуваат  плазмасфера. Плазмасферата дава хаотични електромагнетски зрачења кои се слични на т.н. бел шум и кои би можеле да го објаснат „штитот“ кој го забележале. Но сепак, ниту едно од разгледаните сценарија не било доволно добро за да биде прифатено и научниците се одлучни на ставот да продолжат да го набљудуваат овој феномен преку користење на Ван Ален сондите кои овозможуваат напредно прибирање и анализирање на информации околу космичките зрачења во атмосферата, со надеж дека ќе можат да објаснат како настанал и зошто има такви специфични карактеристики. Засега убаво е да се знае дека Земјата покрај тоа што не` има создадено, продолжува да се грижи за нас и да не` штити од различните „непријатели“ од вселената.

Извор: Phys.org, Huffington Post

Претходна статијаMikme – безжичен професионален микрофон кој може да се поврзе со вашиот уред
Следна статијаMicrosoft ја купи email компанијата Acompli