Елон Маск веќе одамна најави дека планира проект со својата SpaceX компанија кој треба да овозможи интернет на скоро секој дел од планетата. Ова е замислено да се направи преку илјадници сателити поставени во орбитата на Земјата, а за постигнување на истото ќе бидат потребни повеќе десетици лансирања.

Првата фаза од проектот започна успешно, со познатата Falcon 9 ракета која ги однесе првите 60 сателити на висина од околу 440 километри, по што тие самите ќе се наместат на висина од околу 550 километри над Земјата.

Falcon 9 е ракетата од SpaceX која може да се користи повеќе пати поради можноста делот од неа кој го носи товарниот дел до орбитата, да се врати назад и вертикално да слета, во овој случај на брод дрон во Атлантскиот океан.

За разлика од пред неколку години, повеќето мисии на Falcon 9 ракетата завршуваат со успешно вертикално слетување назад на Земјата.

Целта на Starlink е да на корисниците на Земјата, на било кој дел од неа, им овозможи брз, стабилен и поевтин интернет пристап. Со тоа ќе имаат корист корисниците, а на крајот и SpaceX со можноста да се финансираат наредните мисии од заработката која ќе се прави.

Лансирањето и одржувањето на сателитите е нешто што ја чини компанијата околу 3 милијарди долари годишно, но затоа очекуваните приходи по почетокот на работа се проценуваат дека можат да достигнат и до 30 милијарди годишно, со само 3% од пазарот за интернет пристап.

Процентот којшто се очекува да се достигне најверојатно е и реален кога ќе се земе во предвид и конкуренцијата. SpaceX не се единствените кои поставуваат сателити во орбитата и кои во иднина ќе нудат ваков сервис.

Инаку, сателитите се поставуваат пониско од тоа каде моментално се останатите сателити, како и меѓународната вселенска станица, па не би требало да дојде до потенцијални проблеми.

Мисиите кои од SpaceX се надеваат дека ќе можат да ги финансираат со овој проект се познатата мисија на Марс, но и Месечината.

Оставете коментар