Можеби помладите генерации немаат читано многу за озонската обвивка и проблемите со истата, меѓутоа при крајот на осумдесеттите и деведесеттите, оваа тема беше доста актуелна. Откриено беше дека озонската обвивка е оштетена од одредени супстанци кои се користат во индустријата, како и во обичните потрошувачки производи и се верува дека доколку ништо не било преземено тогаш, истата ќе била целосно уништена до 2065 година.

За да се спречи понатамошното оштетување на озонската обвивка, но и нејзино заздравување, се креира таканаречениот Монтреалски протокол во 1987 година. Од тогаш се забранува користењето на супстанците кои придонесуваат до намалувањето на озонот и може да се каже за чудо, земјите успеваат да го регулираат ова и навистина да го спроведат.

Според податоците, од почетокот на овој век, односно од 2000 година па до денес, озонската обвивка заздравува со стапка од 2% годишно и се очекува целосно заздравување во овој век.

Поточно, се очекува целосно заздравување на обвивката над северната хемисфера до 2030, целосно заздравување над јужната хемисфера до 2050, како и целосно заздравување на таканаречената озонска дупка над Антарктика до 2060.

Податоците интересно покажуваат скок во емисијата на еден вид од забранетите супстанци во Кина, каде 18 фабрики се’ уште продолжувале со нивно производство и покрај договорената забрана. Сепак со кинеските власти е договорено да тие фабрики бидат затворени, нешто што доколку не се случи ќе го продолжи заздравувањето на озонската обвивка од 7 до 20 години.

Деталниот извештај можете да го погледнете на следниот линк.