Power-of-economic-freedom1-980x418

Ако приметите, во моето био наведувам дека постои „свето тројство“ помеѓу економскиот развој, слободата и технолошкиот прогрес. Ова можеби е евидентно особено ако се има на ум дека главните hi-tech гиганти како Google, Apple, Yahoo или пак Microsoft доаѓаат од САД; најкористените мобилни апликации како Facebook, Twitter, Tumblr, итн., се дело на млади-претприемачи од „трулиот Запад“; итн. Сепак, може ли оваа врска помеѓу економските слободи и технолошкиот развој да се поткрепи со емпириски податоци!?

Во една претходна моја колумна објаснив дека 20-те најкапиталистички земји во светот ги „јадат“ оние земји во кои државата доминира во економскиот и политичкиот живот, буквално во сите можни индикатори за благосостојба! Луѓето во земјите со највисоки економски слободи (de facto се најблиску до идеалот на слободниот пазар) живеат поздраво, се побогати, имаат пристап до подобро образование и здравствени услуги, се посолидарни, итн. Енормната разлика во квалитет на живот ако живееш во една од 20-те економски најслободни земји или пак во некоја од земјите која е најниско рангирана по економска слобода е одлично прикажана во видеото во прилог.

https://www.youtube.com/watch?v=v1U1Jzdghjk

И страшно е како сеуште Македонија нема политичка согласност дека треба да биде „земјата на слободните“, кога има толку голем број реални примери на што функционира, а што не!

Мала дигресија. До неодамна, тезите дека економските слободи водат кон попросперитетно општество беа генерално прифатени од мнозинството економисти и политички научници, но сепак недостигаше сеопфатна емпириска потврда. Од 1994 година фондацијата Heritage заедно со The Wall Street Journal го објавува познатиот индекс на економски слободи според кои се рангирани 152 земји и генерално ја пополнува оваа празнина (не дека на секој не му беше воочлива разликата во животниот стандард помеѓу про-социјалистичките и про-пазарните земји).

За да ги рангираат земјите, Heritage собира над 40 емпириски податоци кои се конструираат во сумарен индекс кој ја мери економската слобода во четири главни области: владеење на правото, ограничена држава, регулаторна ефикасност и отворени пазари. Поради општата прифатеност на овој индекс поради неговата сеопфатност и објективност, нема зошто да не го искористам и јас.

Па, ако се погледнат 30-те технолошки најнапредни земји согласно Индексот на иновативност на Bloomberg за 2013 година, и се споредат со рангирањата на Heritage, она што може да се забележи е следново: 19 земји кои се дел од 30-те економски најслободни земји се дел и од технолошки најнапредните земји во светот. Очекувано, 10-те економски најслободни земји се дел од глобалната технолошка елита. Во елитата се наоѓаат и земји како Русија, Италија и Португалија кои се лошо рангирани на индексот на економски слободи, но ова се само исклучоци кои го потврдуваат правилото, a тоа е: иновативноста цути во слободно-пазарни средини во кои државата е зауздана со правото воглавно на нејзината функција да ја гарантира приватната сопственост и плодовите од нејзино успешно користење и да обезбеди основни услови за пазарен натпревар. 

Претходна статијаKako Kiva роботите ја забрзуваат работата во магацините на Amazon
Следна статијаПрвата слика во боја од кометата 67P направена од Rosetta леталото