Picker4

Amazon е најголемата компанија во САД која што се занимава со онлајн трговија, а истата е позната во целиот свет. За да ја задржи оваа позиција компанијата мора постојано да воведува иновации во своето работење со кое што ќе може да ја задржи својата позиција во овој бизнис кој што се повеќе ќе расте.

Покрај големиот избор на достапни производи за нарачка, нешто што веќе се подразбира, еден од главните фактори за успешност на онлајн трговците е брзината на достава на пратките кои што се нарачани. Корисниците се повеќе се одлучуваат наместо да одат во продавници, повеќето производи да ги нарачаат преку интернет, меѓутоа исто така се повеќе го очекуваат истото искуство кое што го добиваат во продавниците, а тоа е добивањето на производот веднаш.

Со цел Amazon да може да овозможи што побрза достава на нарачките, а се почесто и во истиот ден, тие имаат отворено повеќе магацини низ САД во кои што се чуваат поголемиот број од производите кои што корисниците ќе ги нарачаат. Во овие магацини има голем број на вработени кои што донесените производи ги редат на разни полици со цел да бидат организирани пред да бидат нарачани и испратени до корисниците. Кога нарачка ќе биде направена, вработените шетаат по магацинот со цел да ги најдат нарачаните производи, по што се враќаат на нивната позиција истите да ги спакуваат и пратат во наредната фаза од процесот на достава.

Овој процес во магацините на Amazon во последните години е забрзан со користење на роботи наречени Kiva. Роботите се развиени од страна на компанијата Kiva која што Amazon ја купи во 2012 година. Развојот и организацијата на магацините со овие роботи трае веќе одреден период, а од компанијата решија да го претстават на јавноста изминатата недела.

Она што роботите го прават во магацините овозможува заштеда на повеќе часови во работата, како и складирање на повеќе производи на истиот простор. Кога доаѓаат производите, Kiva роботите ги носат полиците до позицијата каде што работат луѓето, па откако луѓето ќе ги наредат производите, роботите ги носат полиците на соодветната локација. Ист е случајот кога одредени производи се потребни за нарачка, роботите ги носат полиците до луѓето, по што тие ги пакуваат за наредната фаза.

Со фактот што луѓето веќе не мора да одат низ магацинот за да ги складираат и бараат производите, процесот на работа со производите е неколку пати побрз. Исто така, поради тоа што веќе не мора да се прави место помеѓу полиците за луѓето да можат да поминат, овозможено е складирање на поголем број на производи на истото место.

Извор: Cnet, Wired

Претходна статијаПравила за летање на дронови во САД поради нивниот се поголем број
Следна статијаЕкономските слободи и технолошкиот прогрес
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.