Откако Фејсбук се избрука со Кембриџ Аналитика скандалот (кој никако да стивне, сега излегоа информации дека Кембриџ Аналитика можно е да имале пристап и до приватните месинџер пораки на Фејсбук корисници), не престануваат повиците за неговиот престанок, но и напори за „стегнување“ на законите за приватност ширум САД и ЕУ.

На европско ниво работите веќе во мај годинава се очекува да доживеат драстична промена. Тогаш во сила влегува новата Регулатива за приватност која ќе има цел да ги заштити европските интернет корисници од глобалниот досег на технолошките гиганти воспоставени во САД.

Сепак, овој закон не го решава проблемот кој постои со злоупотребата на приватност. На крајот на краиштата, не треба да ги чуваме нашите податоци само од Фејсбук или Гугл (иако тие се најголемите „собирачи“ на нашите лични информации). Безбедносните агенции ширум светот имаат навика да го прават истото.

Веќе знаеме за практиките кои ги употребува НСА. Дури и ние се соочивме со досега невиден скандал во кој беа обелоденети лични податоци за личности познати во јавноста.

Но, што ако постои забрана за нашите податоци воопшто да бидат собирани? Без разлика дали од страна на Фејсбук, Гугл, НСА, ЦИА, УБК или некоја друга организација. Едноставно тоа да биде забрането со закон. Тоа впрочем го предлага Ричард Сталман (човекот зад движењето Слободен Софтвер и GNU).

Според Сталман, „еден систем мора да биде дизајниран да не собира одредени видови на податоци, ако неговата основна функција може да биде извршувана без тие податоци.“

Сталман верува дека новиот закон за приватност на ЕУ не е „доволно строг“ и не прави доволно за да ги заштити нашите податоци. Тој го наведува примерот и со картичките за јавен транспорт. Односно, се сомнева во неопходноста истите картички да ги нотираат нашите дневни маршрути (слушате, ЈСП?!).

Сталман е во право. Системот каков што е денес е дизајниран за да собира што поголем број на податоци. Така станува подобар, и попаметен. Но, паралелно со тоа станува потешко да се заузда злоупотребата на тие податоци. Верувам дека примерот со Кембриџ Аналитика е само еден од повеќето за кои ќе чуеме во наредниот период.

Идејата на Сталман е одлична. Но, таа е исто така и неизводлива. Барем не во ова време во кое живееме.

Претходна статијаКако да проверите дали вашите податоци биле споделени со Cambridge Analytica
Следна статијаOnePlus со уште еден „тизер“ за очекуваниот OnePlus 6