Можеби сте забележале промена во пристапот на некои од веб страниците кои ги посетувате во последниот период. Промени кои се однесуваат на заштитата на личните податоци, односно во нивните политики на приватност.

Се поголем број на веб услуги поставуваат јасни „правила на игра“ кога ќе пристапите на нивниот вебсајт. Во повеќето случаи мора да ставите „штикла“ за воопшто да пристапите на вебсајтот.

Сето ова од една причина: новата Регулатива за заштита на лични податоци усвоена од Европската Унија во 2016 година, а која стапува на сила во мај годинава. Регулативата е создадена за да ја заштити приватноста на европските корисници од глобалниот досег на компаниите кои имаат седиште надвор од ЕУ.

Гугл, Фејсбук и Slack се само некои од големите компании кои почнаа да ги модификуваат своите политики на приватност. Но, правилата не се создадени само за нив, туку ќе мора да бидат почитувани и имплементирани од страна на секоја организација која поседува лични податоци за своите корисници или клиенти.

 Што е специфично за оваа регулатива?

Прво и основно, регулативата предвидува драконски казни за непочитување на нејзините одредби. Најголемата казна (за еден прекршок) ќе изнесува 4% од годишниот профит, или 20 милиони долари (важечка ќе биде повисоката сума).

Ова и не е голема сума за гиганти како Фејсбук или Епл. Но, истата ќе биде поразителна за помалите компании. Тие ќе мораат да бидат совршени во справувањето со личните податоци на своите корисници. Во спротивно, ќе бидат соочени со банкрот, или полошо од тоа.

Другото нешто што ќе биде поагресивно барано од ЕУ е начинот на кој компаниите ќе треба да ја добијат согласноста од корисниците.

Односно, тие ќе треба почесто и потранспарентно да ја бараат согласноста на корисниците. Ова значи дека почесто ќе се соочуваме со досадните „штиклирај за да продолжиш“ прозорчиња.

Третата важна промена е тоа што полесно ќе можеме да ги добиеме податоците кои компаниите ги имаат за нас.

Ова се само некои од најважните промени. Постојат и низа други моменти кои ќе го отежнат начинот на кој трети страни (апликации, маркетери итн.) ќе можат да ги добијат нашите податоци.

Од една страна, јасно е дека нашата приватност ќе биде повеќе заштитена отколку во моментов. Регулативата доаѓа во време кога се информираме за блатантна злоупотреба на нашите податоци од страна на Фејсбук.

Од друга страна, ќе биде интересно да се следи примената на регулативата од страна на интернет компаниите. Поголемите ќе бидат повеќе на мета, но помалите се оние што ќе мора да бидат максимално внимателни за да не мора да се соочат со најлошото.

Претходна статијаМартина од СПФИНКИ: Работиме за да откриваме нови можности за студентите
Следна статијаGalaxy Note 9 оваа година ќе биде претставен порано од вообичаениот период?