Мартина Бошковска, СПФИНКИ

Ја опишуваат како одличен студент, а важи и за една од најколегијалните на ФИНКИ. Мартина Бошковска е активист на студентскиот парламент на ФИНКИ. Со неа седнавме да поразговараме за настаните кои ги подготвуваат со СПФИНКИ за наредниот период. Посебен фокус ставивме на претстојното случување “Контакт” – саем за вработување и пракса.  Каква е генералната ситуација на техничкиот кампус, колку младите треба да вложуваат во професионалното надградување и кои се нејзините идни планови, Мартина ќе ни раскаже во прилог??

1. Која е Мартина Бошковска?

Имам 21 година и сум студент во трета година на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ) во Скопје. Мојата насока е компјутерски науки и инженерство. Како неразделив дел од својата едукација го сметам и членството во Студентскиот Парламент на ФИНКИ. Таму сум веќе 2 години. Исто така, од неодамна волонтирам и во лабораторијата за социјални иновации – Smart Up. По потекло сум од Скопје.

2. Активни сте во студентскиот парламент ФИНКИ. Колку е важно тоа за градење на CV?

Членството во Студентскиот Парламент на ФИНКИ е од непроценлива важност за дополнување на знаењата кои ги стекнуваме преку формалното образование. Ова е особено важно за студентите на техничките факултети. Активното членство во СПФИНКИ ми даде можности да бидам организатор и учесник на многу обуки во областа на меките вештини. Тие вештини се многу важни за CV-то на секој иден млад инженер кој ќе треба да се докаже на пазарот на трудот.

Парламентот е во постојана комуникација со водечките IТ компании во Македонија, но и оние надвор од границите на земјата. Како член, можеш да искусиш како е да се биде лидер. Тука е и можноста да учествуваш во различни тимови, да учиш за тимска работа и како таа функционира во реалноста. Често се случува во тимот да се студенти кои доброволно одделуваат од своето време за да направат нешто за своите колеги. Членувањето, исто така, експоненцијално ги подобрува лидерските, менаџерските и организациските вештини.

3. Какви придонесува СП ФИНКИ за младите студенти и ИТ инженери?

СПФИНКИ од своето креирање, па се’ до денес ја има мисијата да го подобри студентскиот стандард. Сакаме да ги унапредиме студентските права, да ги обединиме студентите, без оглед на нивните различности. Сакаме да ги охрабриме да бидат свесни за своите права и да се борат за истите, како и да се залагаат за реализирање на нивните идеи. Парламентот е достапен скоро 24 часа за секаков вид на помош што им е потребна на колегите.

Ние постојано се залагаме за унапредување на знаењата на студентите, како и унапредување на целокупниот едукативен процес на факултетот. Ова се постигнува преку организација на различни работилници и хакатони. Токму преку нив,  студентите можат да се натпреваруваат и да стекнуваат знаења од технологии кои не се толку опфатени од страна на факултетот.

СПФИНКИ

4. Го организирате саемот за пракса и работа “Контакт”. За што точно станува збор? Како овој настан се разликува од другите настани што се организираат за студентите?

“Контакт” е настан кој што директно отвара стотици кариерни можности за сите студенти од техничките факултети, но и за луѓе кои бараат работа или начин да одат понапред во својата кариера. Тој е организиран од организационен одбор кој е составен од студентските парламенти на ФEИТ, ФИНКИ и МФС, со целосна поддршка од факултетите каде што тие дејствуваат. Оваа година “Контакт” ќе се одржи од 3-ти до 5-ти април, секој ден, со почеток од 10 до 15 часот, во холовите на ФЕИТ/МФ и ТМФ на техничкиот кампус.

Се разликуваме по тоа што настанот е стопроцентно организиран од студенти кои што стекнуваат практично искуство за развивање на организациски способности. На овој начин, тие имаат шанса да се покажат како професионалци во некоја друга област, различна од она што им е професија. Мене многу ме радува тоа што оваа година студентите од прва и втора година беа активно вклучени во парламентите. Тие внесоа многу нова, позитивна и вртоглаво креативна енергија. Им се восхитувам за се’ што успеаа да постигнат.

Инаку, “Контакт” е настан кој што е структуриран во два дела: едукативен дел и саемски дел. Во едукативниот дел, се одржуваат разни предавања, тренинзи и обуки одржани од врвни професионалци и тренери. На овој начин, студентите ќе имаат можност да слушнат и научат како да бидат поконкуретни на пазарот.

Во саемскиот дел, компаниите се присутни со сопствен штанд. Преку штандовите, тие ја имаат можноста да бидат посетени од неколку илјади посетители пред кои ќе ги претставуваат своите активности. Покрај ова, ќе се одржувааат и интервјуа, предавања и работилници за подобра селекција на најквалитетните студенти од техничкиот кампус.

5. Колку е важно практичното искуство? Дали образовните институции нудат доволно можности за поврзување на компаниите со студентите?

Практичното искуство е од непроценлива важност за било кој млад човек. Сметам дека ние не умееме вистински да го препознаеме потенцијалот на нашите струки и стекнатите теоретски знаења. Бар не додека не се запознаеме со начинот на кои овие знаења се применливи во секојдневниот живот на човекот. Секако, не зборувам само за практичното искуство во техничките науки, туку општо за сите. Посетувањето на пракса во времетраење од три месеци во текот на студиите е облигаторно. И тоа е одлично! Познавам многу млади луѓе чии што размислувања дијаметрално се измениле по завршувањето на ваквата пракса.

Образовните институции и самите веќе ја имаат согледано придобивката од нивната соработка со компаниите. Ова важи за сите полиња на нивно дејствување. Сепак, се’ уште постои многу простор за креирање на нови можности. Дополнителен проблем е тоа што има голем број на можности кои остануваат неискористени и неспознаени од студентите. Токму затоа, тука се настаните како “Контакт”. Тој нуди дирекна поврзаност на студентот со вработен во компанија. Како што алудира и самото име, имате директен контакт, еден на еден.

Начинот на кој што образовните институции ја нудат оваа поврзаност е попасивен и индиректен. Дури би рекла дека на некој начин е демотивирачки за студентот да преземе чекори и да се обиде да дојде до некоја можност. “Контакт” ги носи можностите за сите. Со минимален напор и посета на саемот, секој има што да најде, види и добие.

6. Кои се вашите идни планови?

После “Контакт”, на иницијатива од студентите на ФИНКИ, ќе биде организирана обука за пишување на научни и дипломски трудови. Понатаму, планираме одржување на образовна дебата насловена “Мојот Збор На ФИНКИ” која би се организирала втора година по ред. Таа е наменета за студентите да можат да ги постават сите прашања кои ги имаат во врска со факултетот и неговото функционирање.

Во моментов сме и во почетните фази на организирање на DIGIT. DIGIT (Design and Interactive Graphics in IT) претставува едукативна работилница на различни теми во полето на дизајнот и програмирањето. Тој е создаден со цел студентите од сите факултети да се здобијат со вистинско техничко знаење во овие полиња. Опфатени се графички, апликациски, интерактивен и било каков друг дизајн.

Во тековниот период, студентите на ФИНКИ, заедно со СПФИНКИ ќе можат да бидат дел од Приматијада, научно-спортски натпревар, кој ги обединува студентите по природните науки, математика и информатика од поранешните југословенски простори. Ова ќе се случи по 45-ти пат и оваа година ќе се одржи во Будва.

Што се однесува до моите планови, сакам да ја пронајдам најсоодветната можност за развој на својата кариера. Во парламентот планирам да останам активна до крајот на своите студии, за да стекнам уште нови искуства. Желба ми е стекнатото искуство да го пренесам на сите нови активни членови. Многу сакам за време на моето членство во парламентот да успееме да донесеме некоја револуционерна идеја. Нешто кое би го изменило начинот на студирање на ФИНКИ. Се надевам дека таа идеја ќе ја дефинираме наскоро.

7. Што имате да им порачате на читателите на Смартпортал?

Следете го технолошкиот напредок во светот и залагајте се да го доближиме што повеќе до Македонија. Не го пропуштајте овогодинешниот “Контакт”. Ќе бидеме тука од 3-ти до 5-ти април, од 10 часот до 15 часот во холовите на техничките факултети ТМФ и ФЕИТ/МФС. Таму нестрпливо ќе ве очекуваат и водечките компании од електро-техничкиот, машинскиот и информатичкиот сектор. Сите ќе сакаат да споделат со Вас што е тоа што тие го работат и што е она од кое тие имаат потреба. Ваквите настани се непроценливи, затоа бидете бидете таму! ?

Дополнително, доколку било кој читател сака да го исконтактира Студентскиот парламент на ФИНКИ, нека не се двоуми да го стори тоа. СПФИНКИ се секогаш ентузијастични за нови идеи и прашања. Ако пак, студирате на техничките факултети, ве охрабрувам да се приклучите на студентските парламенти. Ние функционираме за една иста причина. Со нас, ја имате можноста и вие да бидете дел од тимот кој што ќе ја живее и остварува таа приказна.

 

Претходна статијаСветската рекордерка Пола Редклиф доаѓа на Виз Ер Скопски маратон
Следна статијаФејсбук, Гугл, внимавајте: Доаѓа новиот закон за приватност