Shutterstock.com

Не знаев што да очекувам од The Witcher. Ги немам читано книгите, ниту пак сум ја играл играта. Сум гледал клипови од играта, па знаев дека ќе бидат вмешани чудовишта и борби со мечеви, и препознатливиот лик со долга бела коса. Серијата беше најавувана како наредната Game of Thrones, но секогаш кога некоја серија или филм ќе бидaт најавувани како наредните било што, претпазлив сум. Така и сега.

Не дека овие две серии немаат ништо заедничко. Првите три епизоди (толку изгледав) од Witcher се полни со голотија, екстремно крваво насилство и борби за превласт. Нешто по што Гејм стана препознатлива во првите неколку сезони (покрај постојаното кршење на срцата на фановите убивајќи ги нивните омилени ликови).

Приказната се врти околу три ликови: Гералт од Ривиа (Хенри Кавил), bounty-hunter кој патува на различни места и заработува убивајќи џиновски пајаци и други монструми, Јенефер, волшебничка-практикант со аспирации за моќ и малата принцеза Сири, која од самиот почеток се соочува со тешки трагедии во нејзиното семејство.

Фокусирајќи се на овие три ликови, серијата често не префрла од локација на локација, исто така налик Гејм. Сигурно нивните приказни ќе бидат испреплетени во подоцнежните епизоди, но засега е малку хаотично да се следи оваа мрежа која ја плетеле креаторите. Таман ќе се внесеш во светот на Џералт (кој засега е најинтересен лик), серијата те префрла кај Сири, за која не ми е гајле низ што поминува бидејќи нејзиниот лик не беше толку добро разработен во првите неколку епизоди. Јенефер е прилично интересен лик кој насетувам дека ќе има „Дарт Вејдер“ трансформација. Глумицата е исто така одлична и actually ти е гајле за нејзе и имаш емпатија за она низ што поминува.

Кога сме кај глумата, Кавил го има симнато Гералт од видео игрите, од она што можам да го видам. Гласот, изгледот и неговиот мрачен и саркастичен карактер создаваат автентичен лик што сакаш да го гледаш во што повеќе сцени. Освен тоа, сцените со борба се феноменални.

Музиката е одлична, глумата исто така. Серијата изгледа преубаво, приказната е привлечна и интересна. Единственото нешто што ме загрижува во овој момент е развојот на приказните на ликовите што не се викаат Џералт и како ќе се спои приказната на крај во една целина. Првите три епизоди беа прилично бавни во овој поглед, а има само уште пет епизоди до крај. Сепак, имам претчувство дека креаторите ќе стигнат до задоволителен завршеток на првата сезона. Ми изгледа дека серијата е во самоуверени раце што знаат што прават.

Трејлерот не ми ветуваше премногу, но The Witcher ме изненади на повеќе погледи. Ако сте фанови на фантазија, сигурно ви е на радарот. Ако мислите дека „не е за мене“, дајте и шанса, можеби ќе се изненадите.

Претходна статијаФИКТ Битола бележи успех за 2019 преку реновирање, опремување и проектот „Вработи млади“
Следна статијаМожно наскоро претставување на „лајт“ верзии од Galaxy S10 и Galaxy Note10