2014-09-16T085301Z_01_KAI09_RTRIDSP_3_UBER-GERMANY-INJUNCTION-16-09-2014-10-09-49-801

Disclaimer: ОК, можеби изгледа дека често пишуваме за Uber, но всушност имаме објавено само 8 текстови (вклучувајќи тука и кратки вести). Ова и не е така многу за еден од најуспешните старт-апи на денешницата кој секојдневно го привлекува вниманието на медиумите (знам, си викаш зошто глобална корпорација која вреди милијарди и е основана уште од 2009 година ја викаат уште старт-ап. Незнам ни јас, а ниту текстов во Forbes кој се обидува да објасни, ама зирни го). Згора на ова, Uber и нејзиниот CEO – Travis Kalanick не се плашат да се соочат со многу бауци кои одамна кружат околу економските слободи и од чија разрешница зависи иднината на т.н. „споделувачка економија“ (sharing economy). Затоа зошто да не уште еден текст, и тоа рекапитулација на се досега напишано, да имаме се на едно место (сите линкови подолу водат до нашите колумни – не секогаш е очигледно, па да си кажам)?!

ЛЕКЦИЈА БР. 1: Иднината не може да се спречи

Воведниот текст со кој ја отворивме серијата за „омилената компанија на Ayn Rand“ (Uber е иднината на такси услугите), основана во 2009 година, а веќе вредна над 40 милијарди $ присутна во 300 градови над 50 земји (and growing), е претставување на иднината на такси услугите. И иднината не може да се спречи, без разлика колку ќе бидат насилни француските синдикати! Особено не:

кога одреден продукт е 10 пати или повеќе подобар од она што го нуди пазарот. Во овие случаи, тој ќе победи без разлика на се. Останатите мора да се адаптираат или да си одат дома. Регулацијата може да го успори прогресот – но само за кратко (P. Diamantidis)

Uber се шири, луѓето го обожаваат, инвеститорите го поддржуваат.

ЛЕКЦИЈА БР. 2: Орхидеите растат само доколку се погодни условите

Покрај претставувањето на Uber и нејзината disruptive (искрено, мислам дека нема соодветен превод на зборов) мобилна апликација, главниот аргумент на воведната колумна всушност е дека за иновации и прогрес не е доволно само добра идеја и трудољубив народ, туку, пред се, економска слобода и капиталистичка култура (овој аргумент подетално го разработувам тука и тука). Не е ни малку случајно што Uber се роди токму во САД. Исто како што не е случајно што САД беше избраната дестинација и за легендарниот Никола Тесла.

ЛЕКЦИЈА БР.3: Ако можеш, имитирај ги пазарните механизми

Минатата година во Сиднеј имаше заложничка драма – целиот сообраќај беше блокиран, а кутрите избезумени луѓе немаа начин како да бидат префрлени до безбедно место. Освен со Uber. Како им успева да бидат присутни секогаш кога се најмногу потребни? Surge pricing. Станува збор за алгоритам кој го имитира пазарниот механизам – имено, се менуваат цените на услугите во зависност од реалната побарувачка. Доколку наеднаш има зголемена побарувачка за превоз, поради било која причина, цената на услугата може значително да порасне се со цел да се привлечат што повеќе возачи во тој момент, во тој реон (нешто како што се привлекуваат добри работници со повисоки плати во поризични или покомплексни работни места, пр. возач во Авганистан). Овој механизам овозможува Uber да има коли и на места и во време кога никој друг не би дошол.

Генијално така? Не мислат сите така. Овој механизам предизвикува многу контроверзии во јавноста обвинувајќи го (?!) Uber дека профитира на туѓата несреќа (секако, докторот, психијаторот или пак кафаните не профитираат на маката на болните, растроените или пак на оние со скршено срце?!)

Но поважно од фамата (иако и таа треба да се митигира, а тоа кошта), е тоа што овој механизам дава резултати и е целосно транспарентен (!), односно однапред му кажува на корисникот дека е активиран и колку ќе го чини превозот. На крај, кога е зорт, подобро да имаш опција макар и скапа него да немаш.

ЛЕКЦИЈА БР.4: Во слободен пазар на прашањата „кој, што, како“ одлучува потрошувачот; во затворен, оние кои се внатре и политичарите

Во навидум неповрзана колумна (Таксисти: претприемништво и слободен пазар) го отворив прашањето како е регулиран такси пазарот, односно дали истиот е отворен за конкуренција, иновации и е во служба на потрошувачите. Не е. Такси пазарот е картелизиран и регулиран на начин кој ја ограничува конкуренцијата, води кон концентрација на капитал и моќ во 2-3 фирми, ги осиромашува работниците и го отежнува влезот на иновативни новајлии како Uber. Накратко, пазарот не функционира слободно туку политички – не се прилагодува на потребите на патниците, туку на превозниците (и тоа само на дел од нив кои се синдикализирани). Од општествен аспект пак, занемарувајќи ги сите нови работни места кои би се отвориле доколку пазарот е слободен, ваквите регулирани сектори стануваат инертни кон иновации. Ова се согледува и од односот на такси компаниите кон Uber ­– наместо да најдат начини како да се прилагодат, тие трчаат кај политичарите и регулаторите да го задржат статус-квото. Во слободен пазар овие одлуки ги носи потрошувачот, а не политичката/бирократската каста!

ЛЕКЦИЈА БР.5: Во регулирани пазари токму оние кои се внатре се нелојална конкуренција на оние кои сакаат да влезат!

Во колумната „Таксисти: нелојалната конкуренција и перверзијата на еднаквоста“ … всушност самиот наслов ја кажува поентата. Сепак. Ако некој е обремен неправедно со тегови, концептот на еднаквост не бара да биде обремен и оној кој е слободен! Така, ако таксистите подлежат на скапи и веќе непотребни регулативи, тогаш тие треба да се ослободат од истите – а не Uber да се стави во ист кош!

На крај, имајќи ги горните лекции на ум, ја финиширав серијата за Uber со анализа што го чека доколку одлучи да инвестира во Македонија (Што го чека Uber во Македонија?). За жал, имајќи предвид како е регулиран такси пазарот во Македонија и анти-претприемачката протекционистичка култура во целиот регион, може да се предвиди дека овој инвеститор би наишол на истите проблеми и кај нас.

Сепак, Uber победувал и потешки битки (како онаа против градоначалникот на Њу Јорк), така да, да се надеваме дека Македонија ќе му се најде на мапа. За другото Kalanick сам ќе се погрижи.

Претходна статијаKinsa Smart Ear Thermometer – Паметен супербрз термометар
Следна статијаПретставен Intel Core од шестата генерација, најдобриот процесор на Интел до сега