5 митови за „прогресивен данок“

НЕ Е ова текст дека нема солидни аргументи ЗА прогресивен данок, ниту пак економска критика - отвараме логички прашања.

По најавата на Министерство за финансии за воведување прогресивен данок, се ре-отвори повторно дискусијата во јавноста за даноците. Во прилог нема да навлагаме детално во критика или пофалба на реформата туку ќе земеме 5 често користени аргументи ПРО прогресивниот данок и ќе објасниме зошто не држат вода.

Напомена: НЕ Е ова текст дека нема солидни аргументи „за“ прогресивен данок, ниту пак економска критика – отвараме логички прашања. Едно е добар аргумент – друго се паушални изјави.

  1. Прогресивниот данок е „праведен“. Зошто? Сам по себе, даночниот модел не е фактор за неговата моралност. Истата зависи од многу други фактори – дали верувате во присилба (за либертаријанци и анархисти од секаков тип никој, или скоро никој данок не е „праведен“ – зошто нивниот морален код е помалку битен?!), на што се трошат одземените пари, дали веќе Државата зафаќа голем дел од нашите средства, итн. Ако самиот модел е „праведен“, исто е ако се применува стапка од 90% данок на доход над 500 евра и стапка од 18% данок на доход над 1.500 евра?! Или ако самиот модел е „праведен“, зошто да немаме модел каде што најниската стапка ќе биде 0%, средната 5% а највисоката 10%?! И ова е прогресивен данок.
  2. Богатите треба да плаќаат повеќе. Колку повеќе? Зошто? Оние кои чесно се збогатиле, користејќи ги истите јавни ресурси кои се достапни за секого, создале многу поголема вредност за сите нас. Што сакаме повеќе од нив? Покрај ова, богатите плаќаат повеќе даноци во било кој даночен модел. 10% од 4.000 евра и 10% од 200 евра не е исто, нели?!
  3. Но, богатите имаат многу повеќе ќар од јавните добра затоа треба да платат повеќе. Сериозно?! Оние кои се лечат во приватни болници, ги запишуваат децата во приватни градинки и школи, кои можат да си платат приватно обезбедување, ги користат повеќе јавните добра од нас останатите?! И да е така – што не е – сеедно е – јавните услуги по дефиниција се отворени за секој, без дискриминација. 
  4. Ок, ок, не мислев така – мислам богатите да плаќаат процентуално повеќе. Тоа е праведно. Нели беше богатите да плаќаат повеќе, точка? Валјда логиката е да даваат повеќе пари во Буџет за да има повеќе пари од Буџетот. Што по ѓаволите има „праведно“ во процентуална прогресија сама по себе?!
  5. Само богатите ќе бидат удрени по џебот, а нивниот џеб е длабок. Што ако се газди во своја фирма кадешто имаат целосна контрола врз платата и си пишат 1.499 евра плата?! Како ќе бидат тогаш удрени по џебот? И, што ако се менаџери кои работат за друг газда кој за да им ја компензира загубата намали од буџетот за плати кој е расположлив за сите вработени?

Инаку, како автор на Smartportal, пред се ме интересира ефектот на даноците врз иновациите. А за тоа имаме накусо пишувано и тука.

Претходна статијаТунелот под Лос Анџелес на The Boring Company ќе биде пуштен според планот на почетокот од декември
Следна статијаДенес се очекува претставување на уредот со екран кој се превиткува од Samsung – гледајте го преносот во живо
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.