Доколку сте либерал (особено по економски прашања), постои веројатност дека висината/постоењето на даноците ви е пред се морално прашање, а дури одпосле економско. Дали и колку треба да бидат високи даноците зависи од тоа што сметате дека е легитимна функција на Државата (иако дури и во тој случај, прашање е како најдобро и најправедно е да се финансиираат легитимните функции).

Си дозволив да почнам со мала дигресија. Да се вратиме на темата.


Дали и како влијаат даноците врз иновативноста во една држава? Нова студија од неколку економисти (U. Akcigit, J. Grisby, T. Nicholas & S. Stantcheva) се обидува да одговори на ова прашање, односно го „анализира влијанието на даноците [во САД: м.з.] врз инвеститорите и фирмите (микро ниво) како и врз државите (макро ниво)“. Дополнително, авторите истражуваат и дали даноците – пред се, данокот на добивка и данокот на доход – влијаат и на квалитетот на иновациите и инвестирањето во истражувања.

Студијата почнува со објаснување дека кога се мисли на иновации и пронајдоци на луѓето прво што им паѓа на ум се Ајнштајн-типови кои се имуни на економските пазари, наместо да мислат на пазар на капитал, фондови и ентитети кои реагираат на поттици. Incentives & economic freedom matters! И заклучоците од студијата не ме изненадуваат ни малку.

„Само 1% зголемување на средната или највисоката маргинална даночна стапка влијае негативно, односно води кон ~4% намалување на бројот на патенти, цитати и иноватори, и ~5% намалување на бројот на супер-звезди претприемачи [ова се супер-богати поединци кои го стекнале своето богатство со сериозни иновации, како Џеф Безос, Стив Џобс, итд.] во една држава. Ефектите од зголемувањето на данокот на доход се уште поголеми“!

Студијата ги потврдува и останатите вообичаени забелешки од либералните економисти – покачувањето на даноците може да ги избрка највредните граѓани, да ги намали инвестициите и новите работни места, итн. Едноставно, „даноците имаат значително влијание врз одлуките каде луѓето ќе живеат и работат и каде ќе се лоцираат иноваторите и фирмите“.


При анализа на студијата од страна на Daniel Mitchell, економистот на Cato институтот ќе заклучи: „накратко, даночните стапки треба да бидат што е можно пониски со цел да се остави што поголем простор за просперитет“. Ова и те како е битно да го имаат и нашите креатори на политики при даночната „реформа“ која засега, за доброто на сите, е одложена until further notice.

Ако се следи науката и истражувањата во ова поле, подобро да се фокусираат само што поскоро да го намалат данокот во ИТ индустријата на 3% и да не го чепкаат рамниот данок.

Претходна статијаДигиталната трансформација – клучна за бизнисот
Следна статијаИднината на интернетот е во рацете на ЕУ
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.