Пред некое време пишувавме за тоа како ЕУ го стега обрачот околу авторските права. Односно, во најава на гласањето во Европскиот Парламент кое беше закажано за септември, се стравуваше дека доколку изгласан, новиот закон за авторски права ќе доведе до задушување на слободниот говор на интернет и цензура (и уште пострашно, само-цензура). Законот стана познат како главно оружје на ЕУ во таканаречената „војна против мемињата“.

Како најголеми „чирови“ на овој закон беа идентификувани предлог членовите 11 и 13. Накратко, стравот е дека со членот 11, овој закон ќе ги примора Гугл, Фејсбук и др. компании да им плаќаат на креаторите на содржини (медиумски куќи, веб-страници и сл.) за да можат да ги објават линковите кои водат до тие содржини, или за да објават цитат од определен напис.

Image result for eu memesОд друга страна, се стравува дека со членот 13 ќе се забрани споделување на нелиценцирани содржини (ремикси од песни, мемиња и сл.). На пример, ако некој корисник на Инстаграм објави меме на својот профил кое содржи „заштитена“ фотографија, Инстаграм мора да го отстрани тој пост.

Епа, се чини дека законот ќе пројде. Европскиот Парламент го изгласа на 12 септември (438 гласови ЗА наспроти 226 гласови ПРОТИВ), со што го отвори патот за негово конечно усвојување во јануари, 2019 година.

Со новиот закон секое меме, гиф, и сл. содржини ќе бидат будно следени за да се провери дали содржат заштитени производи. Но, тоа ќе мора да го прават самите компании како Фејсбук, Твитер и Инстаграм, веројатно користејќи автоматизиран софтвер што ќе ги следи активностите на корисниците.

Тука постои огромна можност од злоупотреба на таквиот софтвер од страна на „копирајт тролови“, кои едвај чекаат да тужат некој за да дојдат до голема заработка. Но, законот може да биде искористен на различни начини кои ќе бидат штетни за корисниците. Всушност, корисниците ќе бидат најголемите губитници од донесувањето на овој закон.

Од една страна, тоа што објавуваат ќе биде следено од најголемите платформи (сигурно и разузнавачките агенции ќе си најдат начин како се вклучат во акцијата). Од друга страна, нема да можат да комуницираат на креативни начини со мемиња, гифови итн. Единствената утеха што може да ја имаат е тоа дека со секое меме кое одлучуваат да не го објават, им прават услуга на сопствениците на авторски права.

А тоа и не е некоја голема утеха.

Претходна статијаКако влијаат даноците врз иновациите?
Следна статијаSamsung најави Galaxy настан за 11 октомври