Замислете сценарио во кое објавувањето на мемиња ќе биде казниво со закон. Звучи неверојатно, но токму тоа може да се случи доколку биде изгласана новата директива за заштита на авторски права на ЕУ, чиј нацрт текст беше неодамна одобрен.

Зошто се носи директивата?

Сите земји членки на ЕУ (и повеќето земји кандидати) имаат донесено свои закони за заштита на авторските права. Сите тие закони се усогласени со директивата на ЕУ за заштита на авторски права, која беше донесена во 2001 година.

Интернетот, во меѓувреме, очигледно доживеа драстичен развој и директивата стана излишна, поради тоа што не опфаќа многу од современите интернет трендови и технологии.

Оттаму, предлогот за нова директива.

Што е проблемот со директивата?

Откако се појави текстот онлајн, директивата беше дочекана со големи критики за дел од текстот. Најпроблематични се чини дека се членовите 11 и 13 (веќе постои петиција против членот 13, која веќе има приближно половина милион потписи).

Поконкретно, тие се плашат дека:

  • Член 11 ќе ги принуди Гугл, Фејсбук и други компании да платат за линковите или содржините на вестите кои ги објавуваат. Овој член веројатно е поттикнат од ургенциите на големите издавачи кои се плашат дека технолошките гиганти им „го земаат лебот“.
  • Членот 13 наводно ќе ги принуди веб-страниците да цензурираат содржина која прекршува одредени авторски права, или да добијат лиценца за објава на таа содржина. Односно, секоја содржина (дали е тоа меме, ремикс на песна, рецензија на филм) која е заштитена ќе мора да биде отстранета од платформата каде што првично била објавена.

Се уште не знаеме дали усвојувањето на оваа директива ќе доведе до „интернет мрак“ како што стравуваат голем број на критичари. Се очекува Европскиот Парламент да гласа за нејзино усвојување најдоцна во септември. Сепак, јасно е дека ЕУ е прилично зафатена во последниов период. Нацртот на директивата за авторски права доаѓа само некој месец откако стапи во сила законот за приватност (за кој пишувавме овде).

Во секој случај, од самиот текст може да се добие впечатокот дека навистина интернет просторот може да стане многу позатворен од претходно. ЕУ веројатно ќе наметне големи казни за непочитување на законот од страна на технолошките гиганти и веб-страниците.

Тоа пак, ќе доведе до зголемување на нивните напори за цензурирање и отстранување на разни содржини на интернет кои истиот го прават побогат. Дел од тие содржини се и мемињата, кои најчесто содржат кратки исечоци или слики од познати филмови, серии и музички спотови.

Претходна статијаMicrosoft CEE и ФИНКИ Tech клубот организираат Microsoft Azure работилница
Следна статијаSnapdragon 1000 ќе биде процесор специјално развиен за Windows 10 лаптоп компјутерите?