Shutterstock.com

КОВИД-19 ја поремети планетата Земја на различни начини. Еден од нив е тоа што го измести распоредот на филмски премиери. Не се знае веќе кој филм кога излегува, а во кино којзнае кога пак.

Додека Нетфликс трие раце од рекордната година за нив, да се потсетиме на филмовите што се одложија и за кои да се надеваме дека ќе можеме да ги уживаме во кино.

Тенет (август 2020)

Тенет требаше веќе да ја има премиерата во јули. Потоа се помести за прва половина од август, а последната информација е дека ќа има премиера на крај на август. И тоа е оптимистично, но ајде да видиме. Како и да е, овој филм едноставно мора да се гледа во кино. Секој филм под режија на Кристофер Нолан е доживување и ќе биде навистина штета ако излезе прерано и да мораме да го симнуваме на торенти.

Инаку, точната приказна на Тенет не е позната. Има силни Inception „вајбови“, а во игра се патување низ времето, крај на светот и други Ноланови елементи.

A Quiet Place II (април 2021)

Уф, цела година ќе треба да се чека за овој филм. Првиот ептен позитивно ме изненади, очекував некој лош хорор ама испадна многу солиден филм. Режијата е на Џим од Офис (John Krasinski) кој очигледно е човек со повеќе филмски таленти. Судејќи по трејлерите, ова е нешто како „приквел“, ама не можам до крај да проценам дали е целосно така, или ќе се меша временското дејствие.

Требаше да го гледаме уште во април, а се одложи за април 2021. За првиот се збореше дека е филм создаден да се гледа во кино (поради тематиката), па дотогаш верувам дека ќе ја имаме таа шанса.

Spiral (мај 2021)

Оживување на легендарниот Saw серијал на хорор филмови, кој стана бајат последниве неколку дела. Ниту еден не може да го стигне првиот дел, еден од најдобрите хорор филмови на сите времиња. Spiral се заканува да го достигне тој квалитет. Крис Рок и Семјуел Л. Џексон се во главните улоги. Ветува ова.

Dune (декември 2020)

Dune е еден од ретките филмови што немаа некое големо одложување (дури мислам дека уште си го планираат првичниот датум за премиерата). Ептен ми е мило за тоа. Dune мене лично ми е најисчекуваниот филм во последниве неколку години. Облозите се големи: книгата има огромна и лојална фан база, а првиот филм на Дејвид Линч беше разочарување. Но, Денис Виланеув е режисер, со него нема утка.

Претходна статијаDell Optimizer ја користи вештачката интелигенција да ја подобри работата на вашиот Dell компјутер
Следна статијаNetflix тестира гледање на содржина по случаен избор