Децении пред Џорџ РР Мартин да растури со своите сега веќе култни книги од сагата “Песна за лед и оган”, еден друг автор го трасираше неговиот пат.

Неговото име е Френк Херберт, човекот што во 1965 година ја напиша Дина (Dune). Дина важи за едно од првите НФ ремек дела. Дури ни денес, повеќето НФ новели не можат вода да и носат, со пар исклучоци. Споредбата меѓу Мартин и Херберт можеби не е најсоодветна. Едниот пишува фантазија, другиот повеќе научна фантастика. Но, и двајцата се занимаваат со слични теми: моќ, корупција, фамилијарни драми итн. Оттаму, Дина на еден начин може да се опише како „Гејм оф Тронс во вселената”.

Успехот на Дина стигнал бавно. Иако ги собра наградите Хуго и Небула (најпрестижните книжевни награди во областа на научна фантастика и фантазија), Дина си го градеше својот статус на култна новела во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век. Денес се смета како најдобрата НФ книга некогаш напишана, и се продава во милионски примероци. Кој би рекол, со оглед на тоа што првиот драфт од книгата бил одбиен од 20 издавачки куќи.

Дина е сместена во далечната иднина. Човештвото е искочено од брутална војна со вештачка интелигенција, како победник. По војната, луѓето забрануваат постоење на роботи и компјутери. Најблиското нешто се т.н. Ментати, луѓе со супериорна интелигенција, и пресметувачка моќ налик на компјутерската. Поради тоа, тие често се во служба на владетели и други важни политички фигури.

Во главна улога се фамилијата Атриди (Atreides), предводени од Војводата Лето. Тој со неговата сопруга, Џесика и син Пол, слетуваат на планетата Аракис, каде што се испратени по наредба на Императорот. Тие таму пристигнуваат како замена на дотогашните владетели на Аракис, фамилијата Харконени (Harkonnens), воедно долгогодишни непријатели на фамилијата Атриди. После некое време на Аракис, Атриди наидуваат на повеќе предизвици и неволји и предавства. 

Лето, Џесика и Пол се екстремно добро смислени ликови. Лето е по многу работи сличен со Едард Старк, тоа е вајбот. Џесика е дел од мистериозното и древно сестринство (Бене Гесерит). Тие располагаат со речиси надчовечки капацитети за убедување (слично на Џедаите од Стар Ворс), ја имаат и способноста за инстантно смирување на своите нерви, преку моќни техники на дишење и низа други методи. Тие исто така се во потрага по совршениот машки примерок кој ќе ја следи нивната традиција. Се смета дека токму Пол Атриди го поседува тој потенцијал.

Dune remake reveals our first look of Timothée Chalamet as Paul ...
Првата слика од филмот на Виленеув е прејака

Светот кој што Херберт го изградил е неверојатен. Не постојат други книги кои толку успешно и детално збогатуваат цела планета со посебни системи на владеење, религии и специфична животна средина. Херберт малтене измислил цела наука за да ја напише оваа книга, инспириран од штетата која човештвото ја нанесува на животната средина и корумпираноста на политичарите.

Аракис е безмилосно место за живеење. Водата таму е толку ретко богатство, што кога луѓето излегуваат надвор носат посебни оддела кои ја складираат влажноста на телото и ја филтираат за да може да се пие. Од друга страна ги имаме Фремен, население што живее одметнички во пустините на Дина. Нивниот сон е да ја направат Дина место полно со зеленила и огромни водени површини. Во нивната филозофија Херберт вметнал елементи од Зен филозофијата (се смета дека бил добар пријател со познатиот филозоф и мислител, Алан Ватс).

Сето ова е само еден многу мал дел од Дина. Книгата е полна и со акција, драма, твистови и преубаво напишани пасуси. Херберт, како и Мартин, се автори кои те засрамуваат со нивниот квалитет на пишување.

Уште една интересна работа околу Дина е тоа што веројатно го инспирирала и Џорџ Лукас во создавањето на Стар Ворс серијалот. Големи пустински планети, злобен Император (секогаш е злобен), млад протагонист со митски потенцијал, луѓе со натприродна умствена способност се само дел од сличностите. Френк Херберт, приметувајќи го ова, заедно со повеќе свои пријатели основал сатирична организација наречена Преголеми сме за да го тужиме Џорџ Лукас (We’re Too Big to Sue George Lucas).

Секој што е заинтересиран за НФ треба да ја прочита Дина. Тајмингот е совршен. Конечно ќе гледаме достојна верзија на филмот Дина во декември. Претходно, Дејвид Линч се обиде во 1984 година, но не постигна голем успех. Тој дури и го тргнал своето име од тој производ заради студиото, кое ја одобрило верзијата на филмот која Линч ја презирал. Позната е идејата за „Дина на Ходоровски“, која се чини како најдоброто нешто што никогаш не било снимено. Орсон Велс, Мик Џегер и Салвадор Дали во главните улоги, а Пинк Флојд задолжени за саундтракот. Којзнае што ќе беше тоа. Сепак, судејќи по минатите остварувања на Виленеув, Дина конечно ќе го добие филмот што го заслужува.

Претходна статијаLG претстави нови дизајн решенија кои ќе ги користи кај нивните нови телефони
Следна статијаПромоција од А1 Македонија – 50% попуст на дополнителни ТВ пакети