Во минатата статија се осврнав на Дејвид Камерон и неговите обиди да ги стави под државна контрола сите видови на електронски комуникации во Велика Британија, со цел „полесно“ да бидат фатени криминалци и терористи. Овие обиди доаѓаат како резултат на нападите врз Шарли Ебдо во Париз, а верувам дека и други земји ќе го следат истиот пример и ќе ја зајакнат стегата врз приватноста на своите граѓани.

Сепак, многу ретко е анализирана ефикасноста на масовното набљудување на комуникациите. Колкава е веројатноста дека терористите ќе бидат фатени доколку бидат набљудувани сите мејлови како и телефонски повици на граѓаните на одредена земја? По мене, не многу голема. Системите на набљудување се несовршени. Да го земеме примерот со нападите врз Шарли Ебдо; браќата кои го извршија овој масакр биле претходно набљудувани од француските полициски служби, кои само 6 месеци пред нападите во Париз, утврдиле дека тие не претставуваат ризик по безбедноста на француските граѓани.

Начинот на кој биле набљудувани браќата Куачи е пример за насочено набљудување, она кое се врши откако за некое лице постои издржано сомнение дека планира некаков злочин. Браќата Куачи биле токму такви лица. Од 2009 натаму, тие биле редовно фотографирани, а нивните движења евидентирани, додека во 2011 се засилило и набљудувањето на нивните мејлови и телефонски повици.

Спротивно на ова набљудување е масовното, недискриминирачко набљудување. Недискриминирачко во смисла на тоа дека со ваквото набљудување, се шпионира СЕКОЈ, под оправдување дека на тој начин никој сомнителен нема да може да се протне незабележан низ системот. Ако во претходниот, насочен систем на набљудување постои можност за човечка грешка (што впрочем и се случи, без да навлегуваме во други теории на заговор), во овој вториот постои друг проблем.

Имено, при таквото шпионирање, станува неверојатно тешко, ако не невозможно да се лоцираат терористите. На овој начин се алоцираат огромни ресурси во барање на „игла во сено“ наместо истите да бидат вложени во корисни начини за спречување на криминални дејствија. Во 2006, Флојд Рудмин го побива методот на масовно шпионирање употребувајќи ја теоремата на Бајес, која се занимава со статистичка веројатност, притоа користејќи го шпионирањето на НСА како илустрација.

Рудмин доаѓа до заклучок дека врз основа на Бајесовата теорема, масовното набљудување, како што го применува НСА, е статистички бескорисно. Сепак, тој ја поставува тезата дека таквото шпионирање не се спроведува со цел да бидат фатени терористи туку поради две главни причини: 1) зголемена државна параноја и 2) политичко разузнавање.

Масовното шпионирање се чини како разумен и логичен чекор ако оперирате под претпоставка дека на вашето тло живеат 10.000 или повеќе терористи. Не знаеме под точно која презумпција се раководат америчките разузнавачки служби, но резултат на ваквата параноја е обележувањето на низа невини лица како терористи.

Понатаму, масовното набљудување е совршено и за домашно раузнавање, и е можеби најголем социолошки експеримент некогаш спроведен. Ако ги шпионирате сите електронски комуникации и разговори кои циркулираат на домашно тло, тогаш имате богатство од информации од кое можете да влечете заклучоци за луѓето кои ги шпионирате.

Насоченото набљудување на осомничени лица со судски налог е методот кој, иако несовршен, е најефикасниот начин да се оствари целта без притоа да се загрозат туѓи граѓансики права и слободи. Кога станува збор за ловењето на теорористи, масовното набљудување е далеку од оправдано, и е речиси бескорисно за остварување на целта поради која е применето.

Загрижувачки е тоа што глобалниот тренд се движи кон неговото зголемување, а со тоа се поставува платформа чиј замав, како што ни покажа примерот со Патриотскиот акт, тешко може да биде зауздан.

Претходна статијаMicrosoft патентира нов мод, кој автоматски ќе го исклучи ѕвонењето доколку сте во кино или на театар
Следна статијаSummer Music: Одличен алтернативен музички плеер за Windows Phone