Една од сцените од „Мрачниот витез“ кои ми оставија силен впечаток (покрај целиот филм) е онаа кога со цел да го улови Џокерот, Бетмен употреби „високо фреквенциски рисивер“ со кој ги шпионираше мобилните телефони на граѓаните на Готам.

Овој метод на набљудување на секојдневните комуникации недоливо ме потсеќа на програмата ПРИЗМА, преку која НСА ги шпионираше мејловите и разговорите на милиони домашни и странски граѓани, со цел да го „улови непријателот“.

Како и во примерот со Мрачниот витез, така и во примерот со НСА, тероризмот се почесто се користи како изговор под кој се кршат низа човекови права, и еродираат човековите слободи. Се чини дека по секој терористички чин владите ширум светот посочуваат на тоа дека граѓаните мора да се откажат од дел од своите права и слободи за „Џокерот“ да може да биде уапсен.

Когнитивната дисонанца на Дејвид Камерон

Ништо поинаква не е ни владата на Велика Британија, чиј премиер, Дејвид Камерон, по грозоморниот терористички напад во Париз, изјави дека не е особено заинтересиран за „оние граѓански слободи“, кога треба да биде исполнета некоја „повисока цел“.

Тоа што Камерон предлага е Владата на Велика Британија да поседува „мастер клуч“ со кој ќе може да ги декриптира сите електронски комуникации кои се почесто се енкриптирани по „дифолт“. Тој тоа планира да го направи со воведување на нов закон со кој, како што вели Камерон, ќе се елиминира секое “средство за комуникација”, кое “не може да биде прочитано”. Епл, Гугл и WhatsApp веќе ги енкриптираат своите производи, со цел да го оневозможат нелегалното преземање на податоци од страна на разузнавачките служби. Со новиот закон, доколку биде воведен, WhatsApp de facto ќе биде прогласен за нелегален начин на комуникација, а неговите корисници малтене ќе важат за злосторници.

Во 2011 година, во говор одржан во парламентот на Кувајт, Дејвид Камерон изјави дека интернетот:

“е моќна алатка во рацете на граѓаните, а не средство за репресија,”

Нашите интереси лежат во поткрепувањето на нашите вредности, во инсистирањето на правото на мирен протест, во слободата на говорот и на интернет, во слободата на здружување и владеењето на правото”.

Споредете го ова со неговите политички потези во последниве две години. Во 2013 година, во соработка со тамшните интернет провајдери, тој се обиде да го блокира гледањето на порнографија во Велика Британија. Понатаму, откако беше откриено дека разузнавачката служба на Велика Британија (GCHQ) била главен партнер на НСА во програмата ПРИЗМА, тој го наредил уништувањето на хард дисковите на британскиот весник Гардијан, кои содржеле голем број на документи кои токму Сноуден ги врачил на неговите новинари.

 this is wrong -  this is wrong  Misc

Камерон продолжува со трендот на нарушување на принципите на демократијата и слободата, испровоциран од нападите во Париз. Решението тој го гледа во зајакнување на масовното набљудување на своите граѓани за да спречи вакви настани во иднина. Сепак, случајот со масакрот во канцелариите на Шарли Ебдо служи како пример дека набљудувањето не секогаш вродува со плод.

Главните сторители, браќата Куачи, им биле добро познати на француските полициски служби, кои ги набљудувале браќата подолго време. После одреден период, престанале да го прават тоа, бидејќи заклучиле дека се „нискоризични“. Ако ваквото насочено набљудување не секогаш спречува катастрофа, ефикасноста на масовното набљудување кое сака да го примени Камерон е уште помалку докажана, а тоа особено стана евидентно после откритијата на Едвард Сноуден.

Дали Дејвид Камерон е всушност Мрачниот витез?

Пред да тргне во потера по Џокерот, Бетмен му го предава рисиверот на Фокс, ликот кој го глуми Морган Фримен. Бетмен му порачува на Фокс да го внесе своето име во компјутерот со кој е поврзан рисиверот, откако ќе ја постигне главната цел. При крајот на оваа иконска сцена, Бетмен успешно ја остварува мисијата, а Фокс го внесува своето име во компјутерот, и со тоа го активира системот за самоуништување на рисиверот за шпионирање. На овој начин, Бетмен се осигурува дека никој нема да ја злоупотреби оваа алатка во иднина.

Целта на Камерон е да ги улови „лошите момци“, а за да го стори тоа, му треба помошта од граѓаните, кои доброволно (а ако не така, тогаш присилно) треба да се откажат од своите права и слободи. На мета на Камерон се буквално сите видови на електронски комуникации: содржината (и метаподатоците) од разговорите преку мобилните телефони, е-маил пораки, инстант пораки итн.

Но, Дејвид Камерон не е Мрачниот витез, колку и да сака да биде. Доколку биде воспоставен механизмот за шпионирање кој тој го предлага, истиот нема да биде самоуништен после остварување на целта, туку само ќе биде воспоставена подлогата за зголемување на државниот апаратус за шпионирање.

Претходна статијаSamsung го претстави Z1, првиот Tizen телефон за индиските корисници
Следна статијаSamsung ќе го поедностави TouchWiz во Galaxy S6