Кеј-Пакс е дел од сортата филмови што не припаѓаат во ова време. Нормално, со оглед на тоа што е речиси дваесет години стар. Во времето кога излезе (2001) Холивуд веќе беше во Матрикс манија, па во секој втор филм гледавме “bullet-time” и “slow-mo” тепачки. Покрај сета таа врева некако се провлече и K-Pax. Од филмовите клонови на Матрикс не памтам речиси ниту еден. Ама Кеј-Пакс преживеа. И си го заработи својот култен статус од повеќе причини.

Едната причина е Кевин Спејси. Не оној што сега го знаеме, обивнет за педофилија чија кариера речиси и да замре. Верзијата на Спејси што можеше да носи цел филм на свои рамења. Еден од најдобрите глумци што некогаш се појавиле на филм. Токму таа верзија ја добиваме во Кеј-Пакс.

Спејси го глуми Прот, лик што од никаде се појавува на железничка станица. Во обид да и помогне на жена во неволја, тој е забележан од полицајци кои поради неговото чудно однесување, го носат во психијатриска установа. Таму се среќава со др. Марк Пауел (Џеф Бриџис) и во нивната интеракција дознаваме дека Прот има неверојатно интересна приказна. Тој тврди дека е вонземјанин од планетата Кеј-Пакс и дека е дојден на земјата преку светлината (повеќе пати побрзо од брзината на светлината). Причината за неговата посета не е сосема јасна, но тој тврди дека меѓупланетарното патување е толку честа појава што малтене се случува секојдневно. Планетата земја му е долго-посакувана дестинација, па си рекол зошто да не и си букирал праг светлина.

Толку ноншалантно и самоуверено го изјавува ова што др. Пауел е заинтригиран. Од една страна ликов му личи тотално налудничав, од друга страна интуицијата му вели да копа подлабоко. Кога сме кај Џеф Бриџис, тој е втората причина поради која Кеј Пакс е тоа што е. Како и Спејси, тој е душата на овој филм. Неговата глума овде е меѓу најдобрите во неговата кариера (а зборуваме за The Dude – значи ептен добар глумец).

Музиката исто така надополнува на емоционалниот набој на повеќе сцени. Уште прв пат кога го гледав филмот го преслушував саундтракот на Ед Шермур повеќе пати.

Кеј-Пакс не се труди да ти ги одговори прашањата и дилемите што самиот ги наметнува. Филмот покажува, но не ти кажува. Во една сцена, Прот им објаснува на светски познати астрономи каде се наоѓа неговата планета. Тие се вџашени од знаењето што го има Прот, кое може да го имаат само двајца-тројца луѓе на планетата. Тоа само додава на мистеријата околу Прот. Но, ниту еден твој став нема да биде негиран ниту потврден. Дали Прот е вонземјанин? Дали ја кажува вистината? Постои ли планетата Кеј-Пакс? Не го знаеме одговорот, ама филмот е толку вешто склопен што не ми ни треба одговор на овие прашања.

Филмот е снимен според серијал на книги. Вообичаено, би се заинтересирал да ги прочитам, ама во случајов сакам да ми остане само сеќавањето на филмот.

Претходна статијаMicrosoft ја претстави Bing Wallpapers за Android
Следна статијаЈП Водовод и канализација овозможува електронска пријава на дефект