Samsung подготвува единечна камера со вграден „портрет мод“

Напишано на 12.10.2017 - 12:36 од Иво Гиевски

Главната предност на двојните камери кај скоро сите смартфони денес е можноста за гледање во 3D, а воедно и заматување на позадината кога сликате портрет, исто како кај професионалните фотоапарати. Сепак, веќе видовме дека двојна камера не е потребна за добар портрет мод – Pixel 2 смартфоните на Google имаат ваква можност само со една камера позади, која според оние кои ја имаат пробано е дури и подобра од онаа на конкурентите со две камери.

Отсега, единечна камера која ќе може да ја замати позадината ќе се вградува и во многу поевтини смартфони, благодарение на новиот ISOCELL сензор од Samsung, кој има 12 „двојни мегапиксели“, кои ќе можат да гледаат во 3D. Според Samsung, овој сензор ќе има исти можности за портрет мод како двојните камери, но за пониска цена од нив, што значи дека ќе биде достапен и за смартфоните од средната и ниската класа.

Технологијата на Samsung е инаку извонредно брза – тие велат дека двете фотографии (земени со парните и непарните линии со пиксели) се преработуваат само за дел од секундата, за на крај да се добие 3D претстава за околината. Според тоа што тие го кажуваат, системот сигурно нема да биде софистициран како тој кај двојните камери, што значи дека ќе треба малку повеќе софтверска обработка.

Ваквиот сензор сепак нема да може да донесе повеќе зум како кај iPhone 8 или Samsung Galaxy Note 8 или пак врвни црно-бели фотографии како кај Huawei P10, но како и да е е добар чекор во насока на подобрување на ефектите кај смартфон фотографијата, а особено кај поевтините модели.

Покрај ISOCELL сензорот, Samsung претстави и TERACELL сензор, кој има 24 мегапиксели и кој во случај на поголема темница, спојува четири од пикселите со цел да го намали шумот во фотографијата, на крај генерирајќи почиста слика од 6 мегапиксели, нешто слично како PureView технологијата на Nokia.

Извор: Mashable, NDTV, GSMArena

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.

Контакт: [email protected]