ZUI_Z1

Најновиот играч на пазарот на паметни телефони од Кина е ZUK, стартап кој е поддржан од Lenovo. Првиот нивни модел донесува неколку иновативни и интелигентни решенија и со оглед на ниската цена од само 280 долари, има шанса да стане еден од најпопуларните на пазарот.

Однадвор, телефонот има исклучително минималистички дизајн со мала рамка околу екранот, кој ќе му помогне да се издвои од толпата. Иако не е меѓу најтенките телефони, со дебелина од 8,9 милиметри, дизајниран е така да лежи подобро во раката, односно е доста потенок на страните, со дебелина од само 6,1 милиметар. Екранот инаку брои 5,5 инчи во дијагонала и има резолуција од 1920х1080 пиксели.

zuk_z1_type_c_port

Модерниот дизајн е придружен и со модерната USB Type-C порта, која за разлика од другите модели што ја имаат, донесува и високи брзини на трансфер. Имено, One Plus 2, кој исто така доаѓа со таква порта, има само USB 2.0 брзини на трансфер.

Покрај тоа, на портата може да се приклучат и слушалки, кои имаат активно изолирање на надворешниот шум, без потреба од надворешно напојување – тоа го прави самата Type-C порта. Покрај него, има и 3,5 mm излез, што значи дека музиката можете да ја уживате и со некој пријател.

Ова не е единствената иновација. Имено, во единственото хардверско копче однапред, вградени се неколку функции, со цел да се избегне потребата од капацитивни копчиња за „назад“ и за „скорешни апликации“ во Android.

Така, со притискање на копчето, се активира неговата “Home“ функција, со допирање се активира “Back”, додека со двојно допирање се активираат скорешните апликации. Исто така, со хоризонтално поминување со прстот, може да се преминува меѓу активните апликации, што е одлично решение за мултитаскинг. И на крај, секако не најмалку важно, во копчето е вграден и читач за отпечатоци на прсти.

zuk-z1-leaked-2

Интересно, кога сме веќе кај внатрешноста на телефонот, ZUK се одлучи на малку постариот Snapdragon 801 процесор, кој има четири јадра и кој барем на хартија е послаб од новиот Snapdragon 810. Сепак, поновиот процесор го бие лош глас дека прегрева и дека тогаш ги губи перформансите, нешто што на претставувањето на телефонот го спомнаа и челниците на ZUK, според кои, после подолго користење, стариот процесор има подобри перформанси.

Инаку, како и кај скоро секој телефон од високата класа, процесорот е помогнат од 3 GB рам меморија. Z1 го краси и исклучително голема батерија од 4100 mAh, која поддржува брзо полнење. Исто така, кога ќе се наполни батеријата, телефонот ја исклучува од струјното коло и телефонот тогаш се напојува само преку полначот. Кај другите телефони, полначот константно ја дополнува батеријата, што го намалува нејзиниот рок на траење.

Zuk-Z1-Front-Rear

ZUK Z1 не заостанува ни кога се во прашање камерите, со задна камера со 13 мегапиксели (Sony сензор), оптичка стабилизација и двоен LED блиц и предна камера со 8 мегапиксели. Како и скоро секој друг кинески телефон и овој има можност за две SIM картички. Стандардно ќе се вградува и Android Lollipop со специјален ZUI скин.

Сите овие иновации и солидни перформанси, ZUK Z1 го нуди по цена од само 280 долари, што е голем удар дури и кон кинеската конкуренција, како на пример One Plus 2. Дали пак ќе успее овој проект, останува на времето да покаже, но барем на хартија, ZUK и Lenovo имаат победник.

Извор: Engadget, GSM Arena

Претходна статијаОтпечатоците од прсти во HTC One MAX се достапни за секоја апликација и лесно може да се украдат!
Следна статијаGraava – интелигентна камера која сама бира што да снима