OE2A0017_2f-1024x768

Како што ќе кажат колегите од Wired, „Одличната работа околу оди-било-каде, прави-било-што камерите како Go Pro е дека тие снимаат се`. Лошата работа околу оди-било-каде, прави-било-што камерите како Go Pro е дека тие снимаат се`“; и се во право.

Имено, ако земете Go Pro или друга камера на некој возбудлив настан или патување мора постојано да пазите да го снимите тоа што е интересно. Проблемот е што не секогаш знаете кога тоа „интересно“ ќе се случи, па мора да се снима во големи „залаци“ за случајно да не се пропушти нешто. Тоа секако троши батерија, меморија, а воедно и време, бидејќи треба пост фестум да се одбираат малите распрскани интересни делчиња од огромното море на досадни снимки.

Сепак, живееме во 21-ви век, па зошто да не ги искористиме можностите кои ги нуди. Така размислуваат и создавачите на Graava, мини-камера која сама бира што да снима. Камерата ја закачувате на себеси (на пример, на кацига) и потоа таа самата одбира во кој момент што да снима и дали да го зачува интересниот момент кој бил фатен. Како го прави тоа? Преку употреба на повеќе сензори вградени во неа – акцелерометар, жироскоп, светлосен сензор, ГПС и други сензори. Инаку, Graava може да се поврзе и со вашиот Apple Watch кој пак има сензор за срцеви отчукувања, и ако „осети“ дека сте се возбудиле – да почне да снима!

Graava снима 1080p видео со 30 слики во секунда (свс), или 720p со 60 свс, што засега е на ниво на денешните „оди-било-каде, прави-било-што“ камери. Камерата исто така може да и` биде кажано што да зачува, преку кажување на зборот „Graava“. Таа има и дополнителен алгоритам за машинско учење кој анализира што точно вас ве интересирало и сте зачувале, па следниот пат кога ќе се најде во слична ситуација поголеми се шансите да го зачува тој момент.

Инаку, идејата е Graava да снима како што „снима“ и нашиот мозок. Тоа значи оние моменти кои не` импресионирале од емоционален аспект ги памти далеку повеќе него просечните, досадни моменти кога ништо значајно не се случувало. Graava на почетокот ќе треба да ја воспитувате да снима тоа што вас ве интересира, а по некое време ќе почнете да се зачудувате од способноста ова мало камерче да извади одлична снимка баш во моментот кога требало. Со нејзе доаѓа и програм со кој можете лесно да ги уредите снимките и да ги одберете интересните од досадните.

Да живее синтетичката интелигенција!

Извор: Wired, CNet

Претходна статијаZUK Z1 е иновативен кинески телефон со минималистички дизајн и многу ниска цена
Следна статијаЕкипа на научници тврдат дека создале станен