s7angle-930x621

Веќе неколку пати најавивме дека новите Galaxy S7 паметни телефони на Samsung треба да пристигнат денот пред отворањето на MWC (Mobile World Congress) во Барселона, а денес ги имаме и првите рендер фотографии, кои според изворите го доловуваат вистинскиот изглед.

На рендерите може да се види дека дефинитивно „обичната“ Galaxy S7 верзија ќе биде помала од Edge верзијата со закривен дисплеј на страните – веројатно 5,1 наспрема 5,7 инчи. Дизајнот е инаку скоро идентичен на актуелните модели, но може да се забележат некои ситни разлики – аглите се малку позаоблени, додека “Home” хардверското копче во долниот дел е малку поголемо, веројатно со цел сензорот за читање на отпечатоци на прстите да може да „вчита“ поголем дел од прстот. Исто така, металната рамка отстрана сега веројатно ќе биде изработена од магнезиум, наместо од алуминиум, што треба да придонесе за поголема цврстина.

Рендерите инаку во јавноста ги пушти Evan Blass, твитерџијата кој секогаш не опслужува со точни протечени информации за нови модели на смартфони, што значи дека можеме да бидеме прилично сигурни дека токму вака ќе изгледаат новите S7-ки.

s7-renders

Според информациите од претходно, пак, Galaxy S7 и S7 Edge Ќе се нудат во две варијанти – едната ќе има Snapdragon 820 процесор, наменет за пазарите во Северна Америка, додека другата ќе го има Exynos 8890 процесорот на Samsung и ќе се нуди на останатите пазари, меѓу кои и Европа. Сите модели ќе имаат 4 GB рам меморија, а ќе се нудат изведби со 32, односно 64 GB простор за складирање податоци, веројатно со можност за проширување преку micro SD картичка.

Добра вест е што батериите веројатно ќе бидат зголемени – S7 ќе има 3000 mAh, додека S7 Edge 3600 mAh. Ова е прилично зголемување на капацитетот и треба да донесе многу подолго траење на батеријата со едно полнење. Секако и тука ќе биде достапно брзото полнење на Samsung (во моделите со Exynos чип), односно Qualcomm Quick Charge (во моделите со Snapdragon 820 процесор).

На крај, информациите велат дека камерата ќе има 12 мегапиксели – помалку од актуелната со 16 мегапиксели. Сепак, леќата сега ќе има мега брза бленда од f1.7, која ќе придонесе за многу подобри фотографии навечер, а и самиот сензор ќе биде поголем и со поголеми пиксели, што значи дека ќе има многу помалку шум. За оние што следат фотографија, знаат дека сите овие промени се чекор во правата насока – мегапикселите кај смартфоните не значат апсолутно ништо, доколку се ставени на многу мал сензор.

Извор: Android Central, 9 to 5 Google, Forbes

Претходна статијаGoogle ја објави исплатената сума за враќање на привремено купениот google.com домејн
Следна статијаCybertronPC CLX Osiris е мега моќен гејмерски лаптоп со десктоп компоненти