htc-one-x9

Тајванскиот производител, кој до пред некоја година ги правеше апсолутно најпосакуваните смартфони на пазарот, во последно време како да се бара себеси. Доказ за тоа е новиот HTC One X9, кој е првиот нивни уред што ќе се натпреварува директно со кинеските конкуренти, што значи дека ќе се обиде да понуди моќни спецификации, по пониска цена.

One X9 е уред со големина на дисплејот од 5,5 инчи и Full HD резолуција, што можеби не е како кај најдобрите Android смартфони, но е исто како кај iPhone 6S Plus. Телото е целосно изработено од алуминиум, како скоро сите понови уреди од високите класи на HTC, а во предниот дел може да се види дека HTC ги има вратено капацитивните копчиња, за разлика од конкуренцијата која најчесто ги користи софтверските во Android.

Кога сме веќе кај оперативниот систем, се уште нема информација за тоа со која верзија ќе биде лансиран телефонот, но очекувам тоа да биде Marshmallow.

Во внатрешноста е вграден Helio X10 чипот со осум јадра на MediaTek, кој не е моќен како најдобрите мобилни чипови, но веројатно е перфектно добар за повеќето корисници. Тука е помогнат од 3 GB рам меморија, како и 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. Сите овие компоненти ќе бидат напојувани со батерија со капацитет од 3000 mAh, која е веројатно на границата да биде употреблива за телефон со дисплеј со 5,5 инчи.

htc-one-x9-camera

Камерите кај One X9, барем на хартија, се прилично солидни – задната има 13 мегапиксели, f2.0 бленда и оптичка стабилизација на сликата, додека предната има 4 мегапиксели, односно таканаречените Ultrapixel на HTC кои се поголеми од стандардните и f2.0 бленда – иста ваква конфигурација HTC користеше во HTC One M7 и M8 за задната камера, што значи може да се очекуваат прилично квалитетни селфија.

Цената на HTC One X9 изнесува 370 долари во Кина, каде наскоро се очекува и да се појави во продавниците, но нема информации дали ќе пристигне и во Европа. Цената е навистина поволна со оглед на спецификациите, но дали е знак дека HTC очигледно се предаде во високата класа и битката со Galaxy S6 и iPhone 6S? За тоа веројатно ќе мора да го почекаме HTC One M10.

Извор: Engadget, Android Central, GSMArena

Претходна статијаКако ќе изгледа светот во 2045 според DARPA
Следна статијаGoogle развива нова апликација за разговори засилена со вештачка интелигенција