blackberry-venice

Видеото подолу потврдува дека BlackBerry дефинитивно ќе пушти во продажба телефон со Android оперативен систем, заедно со сервисите на Google. Од она традиционалното за BlackBerry, останува само хардверската “QWERTY” тастатура, која сега се лизга надолу.

Ние веќе неколку пати пишувавме за овој телефон, а веќе објавивме и „официјални“ фотографии, кои покажуваат дека ќе биде изработен од карбон-фибер, што значи дека ќе биде исклучително цврст и издржлив, а притоа многу лесен. Екранот ќе има големина од 5,4 инчи со Quad HD резолуција, што е на нивото на најдобрите телефони моментално.

Процесорот ќе биде Qualcomm Snapdragon 808 со шест јадра, кој веќе се покажа како доволно добар во LG G4, а ќе има и 3 GB рам меморија. Во телефонот најверојатно ќе има 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.

BlackBerry Venice, како што е кодното име на телефонот, ќе може да се користи како и секој друг Android телефон од класата, особено дека ќе има скоро чиста верзија, иста како онаа кај Nexus телефоните, со некои ситни подобрувања и апликации на BlackBerry. Сепак, за традиционалистите ќе биде достапна “QWERTY” тастатура на лизгање во долниот дел, која е изумрен вид во класата и може да биде вистинско освежување.

Според видеото, телефонот е исклучително избалансиран дури и кога тастатурата е отворена, што е позитивно изненадување за телефон со толкава големина.

Извор: The Next Web

Претходна статијаХакот врз Ashley Madison: Секс, лаги и лицемерие
Следна статијаНовите Lumia 950 модели можно е да дојдат со додатоци вредни 200 евра