„Android кочи и многу крашнуваат апликациите“ – сигурно ова го имате слушнато и повеќе од доволно пати, особено од iPhone корисници. Да, ова беше точно пред повеќе од 5 години, но денес секој подобар Android смартфон нуди и солидни перформанси. Сепак, најевтините смартфони со послаби процесори сѐ уште страдаат од послаби перформанси, па затоа Google го лансира Oreo Go – најнова Android верзија за телефоните со послаб хардвер.

За разлика од стандардниот Android Oreo, Go ќе може да работи и на смартфони со само 512 или 1 GB рам меморија, што во 2017 е навистина импресивно. Ова не значи дека треба да купите смартфон со 512 MB рам – тоа е премалку за апликациите кои ќе ги инсталирате, но Google барем има спремно лесни верзии од сите свои апликации, кои би требало да работат добро и на ваков телефон и кои ќе бидат инсталирани на самиот телефон – Google Go, Google Assistant Go, YouTube Go, Google Maps Go, Gmail Go, Gboard, Google Play, Chrome и Files Go.

Покрај тоа што Android Oreo Go ќе јаде помалку од рам меморијата, него ќе му треба и помалку вкупен простор во телефонот, па дури и ако земете ваков смартфон со 8 GB простор, според Google ќе имате и повеќе од доволно за инсталирање на најважните апликации, нешто што секако не може да се каже за останатите Android телефони со само 8 GB простор.

Не помалку важно, Android Oreo Go ќе ги лансира апликациите за 15% пократко време. Иако ова не е премногу, ќе придонесе за помазно работење на телефоните со слаби процесори, односно во превод ќе придонесе за помалку нервоза при користењето на овие телефони. Исто така, Go телефоните ќе добиваат и брзи надградби на понови верзии, што е голем новитет кај евтините смартфони.

Како и да е, не очекувајте премногу смартфони со Oreo Go кај нас – тие се пред сѐ наменети за Индискиот пазар, како и сите источни пазари во развој.

Извор: Android Central, Google, The Verge

Претходна статијаСмартфоните со многу голем дисплеј ќе бидат најпродавани во 2019 година
Следна статијаMicrosoft лансира Skype за Linux, работи на сите популарни дистрибуции