Movie Projector

Movie Projector

Flash Video, .mov, .avi, .mpeg, .amv, .mp4, H.263/MPEG-4 Part 2… Нели ви се здосади од инсталирање кодеци и пуштачи на содржини за да можете да прегледувате едноставно видео?

Истото го мислат и од Google, Mozilla, Cisco, Amazon, Intel, Microsoft и Netflix, кои се здружија во таканаречената Алијанса за отворени медии (Alliance for Open Media). Нивната цел е да создадат меѓуплатформски компатибилен видео формат кој ќе биде употреблив насекаде, за сите уреди, на сите резолуции и квалитети.

Во исто време форматот ќе овозможи обична и кодирана содржина, која ќе може да биде заштитена со лозинка, претплата итн. за да се искористи како формат за идното развивање на дигиталната телевизија. Тие имаат намера да го создадат и објават новиот видео формат под Apache лиценца (слободен и отворен софтвер/код), а ќе биде и ослободен под W3C правилата за патентирање, што значи нема да се плаќаат авторски, лиценцни и патентни права за неговото користење.

Многу од овие компании имаат веќе работено на сопствени видео формати, па нивниот труд и претходна работа ќе се искористи како искуство и знаење за новиот универзален формат. Ваквото здружување (нетипично, мора да додадеме) ќе им овозможи и да не плаќаат лиценцни права на MPEG LA, што вклучува неколку видео и аудио формати (како mp3).

Останува да видиме каков ќе биде резултатот од ова здружување, меѓутоа, имајќи ги предвид имињата кои учествуваат немаме сомнеж дека ќе има добар резултат од ваквата „дружба“. Прашањето е само кој друг ќе се придружи на дружината со оглед на тоа дека Apple, Facebook, AMD и други играчи сомнително се изоставени (засега).

Извор: TechCrunch, Wired

Претходна статијаПретставен Intel Core од шестата генерација, најдобриот процесор на Интел до сега
Следна статијаStartQube официјално започна вчера, ветува возбудлив настан