Режимот за читање, односно „Reader mode“, е одлична можност која е веќе одамна достапна во повеќето конкурентни прелистувачи. Со вклучување на овој режим, од страната се прикажуваат само текстот, насловот и сликите, а се друго е тргнато, со што статијата може лесно да се чита.

Ова е корисно кога се читаат одредени страни кои се полни со реклами, предлози, менија и што уште не.

Chrome вклучува ваков режим веќе одреден период, меѓутоа тој е достапен само на мобилната верзија од прелистувачот, а и таму не е стандардно вклучен, па корисниците треба да го активираат преку „chrome://“ менито.

Сега овој режим за читање ќе биде пренесен и на десктоп верзијата од Chrome, а веќе е достапен во Canary верзијата во главно наменета за програмерите. Во оваа верзија исто така е потребно влегување во „chrome://flags/#enable-reader-mode“ делот, од каде може да се активира можноста.

По активирањето на режимот за читање, истиот може да се вклучи на било која статија преку главното мени на десната горна страна и притискање на новата „Distill Page“ опција.

Иако не може со сигурност да се тврди, сепак работите кои се тестираат во Canary не мора да дојдат до официјалната верзија од Chrome, би требало овој режим да им биде овозможен на сите корисници до ова лето.