Во денешно време очигледно најкорисната работа е информацијата за што е тоа што го прават корисниците на интернет. Со креирањето на профили може да се дојде до заклучоци за потребите на скоро секого. Следењето на интернет активноста веќе одамна не е нешто што се прави само за спречување на криминал и тероризам.
Познатата компанија за интернет безбедност Avast беше „фатена“ како 4 нејзини додатоци за интернет прелистувачите го следат сурфањето на корисниците, многу повеќе од што е потребно за функционирањето на овие додатоци.
До откритието доаѓа Владимир Палант, развивачот на познатиот Adblock Plus додаток, кој истакнува кои се информациите до кои додатоците од Avast доаѓаат и ги собираат. Па така, според него додатоците ја испраќаат на серверите на Avast адресата на страната која се отвара, уникатен идентификатор на корисникот, насловот на страната, од каде е дојдено до таа страна, како е дојдено до страната, дали страната е повторно посетена, кодот на земјата, името на прелистувачот и неговата верзија, како и оперативниот систем и неговата верзија.
Точно е, како што истакнуваат од Avast, дека голем дел од овие информации се потребни за работата на нивните додатоци, но сепак не е точно дека се потребни сите, а посебно тие кои може да се искористат за идентификација на корисникот.
Инаку, четирите додатоци се Avast Online Security, AVG Online Security, Avast SafePrice, AVG SafePrice.
AVG, исто така позната компанија за интернет безбедност беше купена од страна на Avast пред три години, па затоа и нивните додатоци се дел од овој „проблем“.
Mozilla и Opera веќе ги тргнаа овие додатоци од нивните продавници, но истото уште го нема направено Google. Сепак, доколку додатоците се веќе инсталирани, тие ќе продолжат да функционираат, што значи дека корисниците ќе треба сами доколку сакаат да ги избришат.
Од Avast истакнуваат дека планираат да ги направат бараните промени од страна на Mozilla, по што додатоците повторно ќе бидат вратени во продавниците.