Windows10-logo

Денот кој што се смета како ден кога Windows 10 официјално ќе биде достапен за корисниците е 29-ти јули. Од овој ден, како што е веќе најавено, корисниците ќе можат да почнат да ги надградуваат нивните компјутери кои што работат на Windows 7 или понов, преку понудата за бесплатна надградба.

Први на ред се 5-те милиони Windows Insider корисници кои што повеќе од 9 месеци го тестираат оперативниот систем, од верзиите кои што ретко кој можеше да ги користи, до веќе созреаните верзии кои што се спремни за секојдневно користење. Од наредниот ден, па во неделите што следат, етапно ќе бидат надградувани сите сопственици на лиценциран Windows кои што се заинтересирани за бесплатната надградба.

На денот на официјалното пуштање, односно на 29-ти јули, Microsoft ќе организира повеќе настани во 13 градови во светот кои што треба да го означат почетокот на новото и со надеж подобро искуство на таканаречениот последен Windows.

Градовите во кои што ќе бидат организирани настани ги вклучуваат Сиднеј, Токио, Сингапур, Пекинг, Њу Делхи, Дубаи, Најроби, Берлин, Јоханесбург, Мадрид, Лондон, Сао Паоло и се разбира Њујорк.

Во овие градови ќе бидат организирани прослави за фановите, како и можност тие да го пробаат новиот оперативен систем, експериментални демоа, можност за запознавање на членови на Windows тимот и слично.

Покрај ова, настани ќе бидат организирани и во повеќе од 100 Microsoft продавници во САД, Канада и Порторико во кои што фановите и корисниците ќе можат да го пробаат новиот оперативен систем, да добијат помош за надградба на нивните компјутери, како и одредени награди и изненадувања.

Почетокот на новиот Windows ќе биде означен и со нова кампања која што ќе започне од 20-ти јули во САД, а од 29-ти во остатокот од светот. Кампањата ќе биде составена од ТВ реклами и реклами на интернет во кои што ќе бидат истакнати меѓу другото новиот Microsoft Edge интернет прелистувач, како и Windows Hello систем за најава преку биометриска автентикација.

Microsoft исто така најави дека ќе издвои 10 милиони долари за 10 светски и 100 локални невладини организации, поточно за поддршка на нивните цели преку технологиите кои што ги развива компанијата.

Очекувано, Microsoft ќе сака да привлече што повеќе внимание на и околу денот на пуштањето на Windows 10 за корисниците. Може да се каже дека доколку оваа верзија од оперативниот систем не успее да ја добие наклонетоста кај корисниците, се поставува прашањето за опстанокот на Windows како оперативен систем. Сепак, според досегашните проценки, Windows 10 треба да биде во најмала рака многу попопуларен за разлика од Windows 8.

Извор: Microsoft, TNW

Претходна статијаAMD FirePro S9170 е супер моќна графичка за професионалците со 32 GB рам
Следна статијаMozilla го исклучи Flash додатокот во Firefox поради пријавените пропусти
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.