Microsoft конечно излезе со дата кога новиот Windows 10 ќе биде достапен за корисниците. Датата е 29-ти Јули, а корисниците од сега ќе можат да почнат да ја резервираат својата бесплатна надградба, се разбира доколку користат официјален Windows 7 или понов оперативен систем.
Резервацијата за надградбата е направена да се појавува во форма на нотификација која што ја добиваат корисниците и од која можат да се информираат за новостите на Windows 10, како и процесот на надградба.
Сите корисници кои што имаат оригинален Windows 7 или понов и се проценети како компатибилни за надградба, во наредниот период треба да почнат да гледаат нова икона на таскбарот, односно во делот за tray икони. Направена во форма на Старт копче, иконата ја отвора Get Windows 10 апликацијата преку која што се прави резервацијата.
Апликацијата преку која што се прави резервацијата, а подоцна и самата надградба се инсталира преку Windows Update функцијата и доколку процесот ви е наместен да биде автоматски, истата треба веќе да е инсталирана. Надградбата која го носи бројот KB3035583 прво беше достапна како надградба по избор, по што беше ставена како препорачана, па повеќето корисници би требало да ја имаат.
Доколку ја имате инсталирано оваа надградба, а сепак не ја гледате нотификацијата од Get Windows 10, направете ги следните чекори, се разбира доколку сте нестрпливи да видите дали вашиот уред и систем се компатибилни и им следува бесплатната надградба.
- Отворете го Control Panel > Administrative Tools (напишете Administrative Tools во лентата за пребарување доколку не можете да го најдете делот)
- Во Administrative Tools отворете го Task Scheduler
- Во Task Scheduler проширете ги папките Task Scheduler Library > Microsoft > Windows > Setup
- Во Setup папката се наоѓа папката GWXTriggers и истата треба да ја притиснете еднаш. Во десниот дел ќе се појави копче Run, по чие што притискање треба да се појави иконата за резервација на Windows 10.
Извор: Microsoft