451551330-630x419

Uber е дел од новата генерација дематеријализирани, демонетизирани и
демократизирачки технологии кои го пореметуваат статус-квото“.
Питер Дијамантидис

 

Вовед

Во една од моите претходни колумни од минатата година во која подетално го претставив Uber на читателите на Смартпортал предложив да ја поканиме оваа американска компанија во Македонија како „акт на отвореност кон иновативноста, претприемаштвото и слободниот пазар“. Во меѓувреме, Uber не чека никакви посебни покани и веќе отвори свои подружници во Букурешт, Софија и Виена, а најави влез и на пазарите во Загреб и Белград, како и во „поширокиот регион“. Дали ова значи дека и Македонија е на мапата не може да се каже, но имајќи го предвид амбициозниот менаџмент на Uber, ова нема да биде никакво изненадување. Но, што ќе го пречека Uber во Македонија? Дали ќе го пречека отворен пазар, пријатна бизнис клима за иновативни старт-апи или пак нешто сосема друго? Прво, малку потсетување.

Uber е брзорастечки американски старт-ап основан во 2009 година кој со поддршка, меѓу другите, од Google и Goldman Sachs, успешно и елегантно ги интегрира такси-услугите со user friendly мобилна апликација во која се вградени пазарни принципи на функционирање. Предводена од амбициозниот про-либертаријанец Travis Kalanick (има воопшто некој добар претприемач кој е социјалист во Силиконската долина?!), Uber за период од 5 години е веќе присутен во над 300 градови низ светот и достигна пазарна капитализација од неверојатни 41 милијарда долари (мала забешека: Uber не е „јавна“ компанија, па нејзината вистинска вредност не може лесно да се определи, но сепак ова се фантастични бројки). Првичните инвеститори во Uber сега имаат акции кои вредат над 2.000 пати повеќе од нивната иницијална инвестиција, односно оние кои инвестирале околу 20.000 долари во 2009 година денеска имаат капитал од околу 40 милиони!

Покрај иновацијата која им овозможува многу побезбеден, потранспарентен, поефикасен, поевтин и поудобен превоз на корисниците, Uber има и поголема општествена корист во заедниците во кои ќе се досели – од нови вработувања, притисок врз постојните такси компании да ги подобрат своите услуги, нови стандарди на однесување и менаџмент, а и би имал влијание и врз намалувањето на загадувањето и потрошувачката на гориво. Имено, преку услугата uberPool (делење на Uber возило со други патници што е лесно изводливо со GPS-от на паметните телефони), според пресметките на Uber, заштедата на потрошувачка за еден месец е околу 13.500 галони бензин (околу 50.000 литри), додека пак истовремено се превенирани околу 120 тони емитиран CO2 што не е ни малку занемарлива бројка. Но…

Uber не е секаде баш најдобродојдениот гостин. Како ќе го пречекаме во РМ?

Со чест на исклучоци, скоро да нема град во кој Uber не се соочува со проблеми. Фрчат тужби на сите страни од синдикатите на таксистите дека Uber се „нелојална конкуренција“, регулаторите им дишат во врат обидувајќи се да сфатат како да ги стават во регулаторната мрежа, се организираат огромни протести против нив во скоро секој поголем град, им се саботираат и малтретираат возачите, итн. Очекувано, инертноста на регулираните пазари во кои е ограничена конкуренцијата е евидентна и наместо да се фокусираат на тоа како да се соочат на пазарот со иновативни старт-апи како Uber (како на пример што се обидува Flywheel во САД), синдикатите на таксистите одма трчаат кај регулаторите барајќи заштита, на штета на сите потрошувачи и на принципите на слободниот пазар и претприемаштво.

Генерално, борбата е дали Uber е такси компанија и треба да подлежи на сите оние обврски како и таксистите, или пак, како што тврдат тие, се услужна компанија (car-sharing service) која ги поврзува возачите и луѓето преку мобилна апликација, за чија услуга Uber зема провизија. Стратегијата на Travis е да се освојат пазарите што е можно побрзо тврдејќи дека за нив не важат истите регулативи како и за таксистите, па после да водат правни војни ако е неопходно. Засега, оваа стратегија дава добри резултати, иако правните битки се непредвидливи и главен предизвик за Uber – во Париз издвојуваа привремено голема победа (во Париз има и голем број други ride-sharing компании, а и е нивен најголем пазар по Англија и САД), во Делхи, Индија беа целосно забранети, во Франкфурт и Мадрид изгуби, итн.

За жал, имајќи предвид како е регулиран такси пазарот во Македонија и анти-претприемачката протекционистичка култура во целиот регион, може да се предвиди дека Uber ќе наиде на истите проблеми и кај нас. Фактички, ќе се води сличната војна како и со т.н. „диви таксисти“, ќе се користи аргументот за „нелојална конкуренција“ и де факто ќе се повикува на нео-мерканталистички протекционизам на локалните газди. Се разбира, ќе се занемарува што од аспект на потрошувачите Uber ги има сите механизми со кои обезбедува безбедност, транспарентност и удобност, потрошувачите, а не бирократите и политичарите, се оние кои треба да одлучат со кој ќе се возат! Веќе објаснував дека аргументот за „нелојална конкуренција“ е всушност перверзија на концептот „еднаквост пред законите“ – наместо да се бара слобода и за таксистите (т.е. дерегулација на пазарот), се бара да се оковаат со регулација и иновативните новајлии!

Или Uber ќе победи – или македонскиот граѓанин ќе изгуби. Трето нема

Влегувањето на Uber на македонскиот пазар треба да се анализира пред се од перспектива на слободниот пазар и користа за потрошувачите. Од перспектива на слободниот пазар, такси услугите неопходно е да се либерализираат целосно без разлика дали ќе влезе Uber или не, особено да се укине правото на Градот Скопје да ја одредува бројката на таксисти и цената на превозот! Ова ќе води кон зголемување на понудата со што ќе се намалат трошоците за отворање такси компанија, можно намалување на цените на услугите, како и отвореност кон иновации и странски инвестиции. Потрошувачите пак, со влезот на Uber, како што наведов претходно, ќе бидат во голем ќар: подобра модерна услуга, поголема достапност на возила, поевтина услуга, итн. Истовремено, голем број од таксистите ќе можат да се префрлат во Uber за подобра плата со што ефектот врз постојните таксисти ќе биде генерално позитивен.

Футуристот П. Дијамантидис убаво објасни во една прилика дека „се знае дека една индустрија има потреба од иновации ако постојните играчи се молат на протекционистички закони за да спречат влез на поефективни и иновативни решенија. И, генерално, улогата на државата е да обезбеди стабилизација. Но, кога одреден продукт е 10 пати или повеќе подобар од она што се нуди на пазарот, ќе победи. Останатите мора да се адаптираат или да си одат дома. Регулацијата може да го успори прогресот само за кратко време“.

На крај, додека синдикатите, лобистите и политичарите се договорат дали Uber е легален бизнис или пак „нелојална конкуренција“, Travis Kalanick или некој друг иновативен храбар претприемач веќе ќе има автономни возила кои ќе станат нови газди на улиците. Е тогаш што ќе правиме?

Претходна статијаWindows 10 официјално достапен од 29-ти Јули
Следна статијаAsus го претстави ZenWatch 2