codewell-logo-bckg

Како што знаете, CodeWell е македонска ИТ компанија која што веќе има претставено повеќе апликации како за нашиот, така и за светскиот пазар. Последната апликација MarkO ни остави многу добар впечаток, па сакавме да ве запознаеме малку подобро со оваа компанија преку интервју со еден од основачите Нино Карас.

Смартпортал: За почеток би сакале да им кажете нешто повеќе за вас на нашите читатели. Има многу кои што добро ја познаваат вашата работа, но како би се претставиле за тие кои што сега ве запознаваат?

SAM_1416-220x180Нино: Нашата компанија, Кодвел постои од Април 2011 година. Од тогаш, па до денес имаме богато портфолио од 80 проекти, кои вклучуваат апликации за клиенти од секаде во светот, како и наши сопствени апликации како: WordWell, TraWell, Wake Me Up Alarm, News Reader… Специјализирани сме за развој на мобилни апликации за сите платформи – Andorid, iOS, Blackberry и Windows апликации, а исто така изработуваме и веб- дизајн и back end систем. Нашиот тим е составен од 10-ина млади ентузијасти кои се стремат кон постојано подобрување и надградување на своите способности и знаење и секојдневно ги вложуваат во развој на нови и подобрување на старите проекти.

Смартпортал: До пред некое време, можноста целиот свет да биде вашиот пазар беше привилегија на мал број на големи компании. Како е за една македонска компанија да конкурира на светскиот пазар, нешто што е лесно овозможено во времето на интернетот?

Нино: Светскиот пазар е голем предизвик за нас. Не е толку лесно, но ние тоа не го гледаме како пречка, туку напротив, го прифаќаме предизвикот. Кодвел, во своите 3 години постоење соработува со бројни клиенти од различни земји, што потврдува дека сепак постоиме на глобалната мапа. Сепак, како компанија чија главна дејност е развој на мобилните апликации, се трудиме да го следиме овој тренд и да не заостануваме зад светските компании, па така, наскоро на пазарот ќе излеземе со нова авторска апликација – MarkO со која се надеваме дека ќе се пробиеме и ќе го завземеме своето заслужено место на интернационалната сцена.

Смартпортал: Како дојдовте до идејата за креирање на вашата најнова апликација MarkO ? Дали идејата е дојдена од нешто што сте го имале како потреба, а не сте можеле да најдете добро решение или се работи за нешто друго ?

Нино: Всушност, идеата за МаркО беше моја, а произлезе од потребата на повеќето од нас по долго користење на многу од различните популарни апликации – таск организатори, што сепак на крај на неделата за секој од нас завршуваше со листа од незавршени обврски, а ниеден од тие организатори не помагаше баш поради проблемот што не можеш да го предвидиш времето за да сетираш временско известување за секоја од обврските како и поради динамичниот дневен распоред. Одејќи по листата за скоро секој таск се случуваше сценариото – “леле 100 пати поминав таму не ми текна да го средам ова”. Од тука дојде идејата да се направи паметен таск асистент кој ќе ги знае сите локации околу тебе и навремено ќе те потсетува за твоите задачи во близина на место каде што можеш да ги завршиш, со една главна цел – никогаш да не заборавиш задача.

Смартпортал: Во денешно време за секој производ веќе постои конкуренција. Ретко се случува да нешто биде претставено на пазарот за прв пат. Каква е состојбата на пазарот за ваков вид на апликации и како гледате на вашата конкуренција ?

Нино: На пазарот веќе постојат најразлични таск асистенти, но сепак клучната разлика помеѓу MarkO и сличните организатори се состои во суштинската разлика во однос на што се базираат известувањата за задачите. Дел од постоечките конкурентни апликации едноставно заменуваат лист и пенкало во комбинација со временски аларм, кој ќе ви заѕвони и ќе ве извести во даден момент со цел да ве потсети за дадената задача. Меѓутоа проблемот е што нашиот распоред во ова динамично секојдневие е навистина променлив, па многу е тешко да го предвидиме правиот момент кога би сакале да бидеме известени со цел да не заборавиме да ја исполниме задачата. Додатно на тоа е и фактот дека дури и да го предвидиме времето, едноставно распоредот многу лесно може да се промени, па секогаш на крајот на денот или неделата завршуваме со една голема листа на некомплетирани задачи. Секако, постојат и апликации кои нудат и локациски потсетници, меѓутоа бараат од вас да предефинирате локација и радиус околу која би сакале да бидете известени. Па така доколку имате задача – на пример – купи млеко, вие би требале да ги предефинирате сите продавници во ваша близина што претставува дополнителен товар и проблем.

Тоа што го прави MarkO посебен и различен од тие апликации – воведува паметен алгоритам кој ги знае сите продавници во ваша близина и останува на вас само да предефинирате дека таа задача е поврзана со типот на продавници или пак со дадена продавница. Дополнително на тоа, MarkO нема да ве праша за радиус на известување, бидејќи точно знае кога да ве извести во зависност од тоа дали вие се движите пешки или можеби возите автомобил во моментот.

Сметам дека ваквата функција го прави MarkO многу конкурентен и го издвојува од конкуренцијата. И исто така, се надеваме дека оваа суштинска разлика ќе придонесе MarkO да биде брзо и масовно прифатен.

Смартпортал: Во кој правец планирате да ја развивате апликацијата, односно дали планирате да воведувате нови функции и какви би биле тие ?

Нино: Хмм…интересно прашање

Можам да кажам дека имаме полн распоред на работи кои сакаме да ги имплементираме и ќе стасуваат во наредните верзии на апликацијата. Некои од нив се откриваат и во промо видеото на самата апликација како аудио и слика задачи. Во секој случај следат интересни опции кои мислиме дека навистина ќе бидат корисни и ќе им се допаднат на корисниците.

Она што исто така сметам дека е битно да се спомене е и дека оваа апликација ќе биде достапна комплетно бесплатно на сите официјални пазари на апликации зависно од платформата. Сега за сега, постои само Android верзијата која ќе биде достапна на Google Play. А понатаму пранираме и развој на верзија за Android Wear (паметните часовници) која исто така ќе се може да се најде на Google Play, iOS верзија на AppStore, а Google Glass на официјалниот Glassware маркет.

Смартпортал: Дали веќе работите или планирате да работите на проекти кои што би сакале да ги споделите со нашите читатели ?

Нино: Моментално нашиот фокус е насочен кон MarkO. Сакаме да излеземе на пазарот со апликација која ќе ги задоволи потребите и стандардите дури и на оние најпребирливите. Нашата цел е да го промовираме MarkO на домашниот и на странскиот пазар и да постигнеме колку е можно поголем број на корисници, што бара насочување на напорите и ресурсите во тој правец. Ваквиот целосен ангажман моментално не спречува да се посветиме на некој друг поголем проект, меѓутоа се надеваме дека MarkO набрзо ќе добие стабилна позиција, бидејќи секогаш имаме идеи за развој на некоја нова апликација, но се во свое време.

Претходна статијаНов начин на автоматизирано пренесување предмети со помош на статичкиот електрицитет
Следна статијаiPad Air 2 свиткан и скршен од корисник на YouTube
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.