Сведоци сме на се’ поголемото загадување на воздухот од една страна и различните идеи за да се реши овој проблем од друга страна. Решението можеби е веќе пронајдено во замената на автомобилите на фосилни горива, коишто сите ние ги возиме децении и децении наназад, со електрични возила. Но колку време ќе ни биде потребно за да се изврши таа замена, знаејќи дека моментално во светот има преку 1 милијарда автомобили.

Ќе се обидеме да направиме кратка анализа за темпото со кое што се зголемува продажбата на електрични возила во светот. Во оваа анализа ќе се фокусираме на Европа, САД и Кина.

Да започнеме со Европа. Како што може да се види на сликата, Европа се наоѓа на врвот во продажбата на електрични возила со бројка од 570.000 автомобили. Како претставник на овој континент би можеле да ја земеме Франција и да видиме кои модели се најпродавани во оваа држава. Очекувано, францускиот претставник Renault преку нивниот модел Zoe се наоѓа на врвот. Од овој модел се продадени вкупно 21.935 автомобили во период од 2010 до 2015 година. Во истиот овој временски интервал, вкупниот број на регистрирани возила (автомобили и комбиња) во оваа европска држава изнесува 74.299.

Интересни бројки ни доаѓаат и од другата страна на Атлантикот. Ако во Франција беше логично француски модел да биде на врвот, истата ситуација ја имаме и во САД. Имено Американскиот  Chevrolet (General Motors) преку својот најистакнат адут Volt доминира на врвот со продадени 105.076 возила во периодот од 2010 до септември 2016 година. Следни на листата се Nissan Leaf со 98.829 и американскиот и светски миленик Tesla Model S со 84.017 продадени примероци. Предвидувањата се дека Tesla во скоро време ќе го превземе врвот, најпрво во САД, а потоа и во останатиот дел од светот.

Од САД се селиме во Кина каде што не чекаат за нас непознати модели на автомобили. Пред да ги споменеме овие модели, интересен е да се истакне фактот дека токму во Кина се бележи најголемиот раст на овој вид возила. Почнувајќи од 2011 со продадени само 8.159 возила и без некој голем раст во наредните три години, во 2015 таа бројка изнесува високи 331.090 продадени примероци. Најпродавани модели во Кина се BYD Qin со бројка од 46.787 и Kandi EV со бројка од 31.134 продадени автомобили.

Претходна статијаСоларен кров на Tesla и SolarCity
Следна статијаMicrosoft Build 2017 ќе се одржи во мај, ќе биде прикажана Windows 10 Redstone 3 надградбата