Факт е дека електичните автомобили имаат подобро забрзување од останатите, но до каде може да се спушти таа граница и кој автомобил е моментално најбрз? Според MotorTrend, новиот 2017 Model S на Tesla штотуку го срушил овој рекорд при нивно тестирање. Тие велат дека токму овој модел е најбрзиот автомобил во сериско производство кога станува збор за забрзувањето, со неверојатни 2,28 секунди од 0 до 100 километри на час.

Предност е секако автоматското менување на брзини, што е случај и кај некои од другите возила кои се борат за овој престиж, и во конкретниов случај погонот на сите четири тркала коишто се придвижувани од страна на два електрични мотори поставени на предната и задната оска на автомобилот. За да нема забуни, ваков резултат е возможен само доколку го одберете Ludicrous Mode-от на специјалниот Model S P100D. Знаеме дека не станува збор за спортски автомобил наменет за трки и слични лудории, туку за комерцијално возило препорачливо за семејни луѓе. Токму затоа ваквиот перформанс е возможен само во одреден случај и не е препорачливо да се користи особено во градски средини.

P100D моделот би Ве чинел 137.800 долари, но ако се земе во предвид дека многу поскапи спортски автомобили не може да се споредат со овој во забрзување, ќе испадне дека цената и не е така висока. Сепак споредено со другите спортски автомобили, при постигнување на поголеми брзини или тогаш кога коњските сили доаѓаат до израз, овој модел на Tesla ја губи предноста стекната при забрзувањето.

Извор: PCMag, Engadget

Претходна статијаLogitech Brio 4K Pro е веб камера која снима Ultra HD видео и поддржува Windows Hello
Следна статијаДали знаете да напишете добар технички опис за вашиот производ?